21.06.2012, 15:10 Нови предлог економски мерки на СДСМ
СДСМ денеска предложи нови економски мерки со кои меѓу другото бара итно формирање Национален бизнис совет во кој би членувале 200 претставници на бизнис заедницата.
- Овој совет би имал најмалку четири седници годишно на кои би присуствувале и претставници на Владата и на опозицијата. Во постојната тешка состојба, овој совет веднаш би организирал голем бизнис форум, истакна потпретседателот Зоран Јовановски, додавајќи дека со тоа би се овозможила отворена дискусија и би се постигнал консензус за тоа кои се најважните економски проблеми и најдобрите решенија за нив.
СДСМ бара и измена во законот за Македонската банка за поддршка на развојот, односно МБПР да може да има поголема изложеност спрема поединечна банка.
- Наместо како досега, изложеноста на МБПР кон поединечна банка да биде најмногу до 2 пати, таа да може да биде до 2,5 пати од сопствените средства на МБПР. Со ваквата измена ќе се отстранат евентуалните тесни грла во користењето на кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка и ќе се овозможи таа брзо да се реализира и фирмите побрзо да ја ублажат својата неликвидност, рече Јовановски.
Од СДСМ предлагаат да се реализира и проект насловен како „Стоп за рекламите - потребни се нови работни места“ со кој би се запреле сите реклами и медиумски кампањи на државните институции, а парите од Буџетот предвидени за оваа намена би се пренасочиле за инвестиции што би значеле нови вработувања.
|