21.06.2012, 08:56 Груевски денеска на средба со Путин
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска и утре во Санкт Петербург ќе ги презентира поволностите за отворање и водење бизнис на форумот што го организира Трговско-индустриската комора на градот.
Во рамки на пленарното заседание на Меѓународниот економски форум, предвидено е македонскиот премиер да оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин.
На овој престижен форум, традиционално учествуваат реномирани економски експерти, аналитичари, бизнисмени и политичари.
Во Санкт Петербург во рамки на неколкудневната посета на Руската Федерација, владиниот тим ќе има средби со менаџерските тимови на компанијата „Газпром“, чија дејност е производство на природен гас, на „Стројтрансгас“, чиј делокруг на работа е дистрибуција и стопанисување со природен гас, и на компанијата „Лукоил“, која се занимава со производство и трговија на нафта и нафтени деривати.
Премиерот Груевски во Санкт Петербург свечено ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Македонија и ќе се сретне со губернаторот на Ленинградската област, Александар Дрозденко.
Минатите денови владиниот тим оствари посета на повеќе руски градови каде беа одржани бизнис форуми за презентирање на македонските поволности за инвестирање, а во рамки на посетата на Руската Федерација, Груевски оствари средби и со губернатори на повеќе области.
Македонската делегација ја почна посетата на Руската Федерација во Москва каде можностите за инвестирање во Македонија беа презентирани пред околу стотина руски инвеститори, а беше потпишан и договор за соработка меѓу Република Македонија и Московската област. |