21.06.2012, 12:15 Промовирани убавините на Македонија во Вашингтон
Македонија е една од балканските држави што беа промовирани пред граѓаните на Вашингтон, во рамки на проект на УСАИД и „Нешнл џиографик“
Во центарот на Вашингтон беа истакнати фотографии од туристички места во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.
Во тек на неколку дена, со повеќе слични промоции, граѓаните на Вашингтон ќе имаат можност да ги видат убавините на Маврово, Матка, сцени од Галичката свадба,...
- Целта на проектот е да ги ангажираме граѓаните од земјите од Западен Балкан за тоа колку е важно да се зачува и промовира нивната средина преку добро воден туризам и да ги ангажираме да ги пренесат сите автентични елементи од нивните земји, кои туристите би сакале да ги посетат, изјави Џим Дион од „Нешнл џиографик“.
Македонскиот амбасадорот во САД, Зоран Јолевски, соопшти дека во овој момент се реализираат контакти со поголем број тур-оператори на кои им се претставуваат можностите на Македонија како туристичка дестинација, а наскоро е предвидена и средба со Туркиш ерлајнс како една од потенцијалните компаниите кои би ги носеле туристите во Македонија.
Јолевски изјави дека се прават обиди Македонија да се промовира во пакет со повеќе туристички дестинации во рамките на тури за повозрасни американски туристи кои минуваат и подолго време кога се во посета на Европа.
Според Филип Стојановиќ, регионален директор на програмата за регионална конкурентност на УСАИД, потребно е да се смени перцепцијата за Балканот, кој се доживува негативно, и тоа е една од целите на оваа изложба.
Во рамките на проектот ќе се промовира интернет страницата www.balkansgeotourism.com преку која ќе може да се запознае Балканот и да се испланира патување до земјите од регионот.
|