20.06.2012, 14:14 Виз ер амбициозно влегува во Македонија
Унгарскиот нискобуџетен авиопревозник ќе инвестира 80 милиони долари и ќе отвори 300 нови работни места
Унгарскиот нискобуџетен авиопревозник Виз ер со субвенции од Владата денеска најави шест нови дестинации од Македонија по цени кои во еден правец со вклучени аеродромски такси ќе се движат од 8,99 евра до 17,99 евра.
Стартoт на новите дестинации за Виз ер ќе биде инвестиција од 80 милиони долари и отворање 300 нови работни места, со воспоставување база од еден авион на аеродромот во Скопје, информира извршниот потпретседател на Виз ер Џон Стивенсон, по потпишување на Договорот за субвенционирање со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Од 28 октомври годинава Визер треба да почне со летови од Скопје кон Дортмунд и Ајнтховен, а цената на билетите кои се веќе во продажба во еден правец со вклучени такси ќе изнесува 12,99, односно 17,99 евра. Двапати неделно унгарскиот авиопревозник ќе сообраќа кон Малме, Милано и Минхен од 29 октомври, за каде билетите ќе чинат по 17,99 евра и 8,99 евра. Трипати неделно Виз ер ќе сообраќа до Базел од 30 октомври, а цената на билетот е, исто така, 17,99 евра. Од следното лето, според Стивенсон, Виз ер ќе воведе летови и кон Брисел, а се размислува и за Рим и Барселона зависно од потребите на граѓаните. Летовите на новите дестинации, според Стивенсон, ќе бидат директни, односно ќе нема врзани летови за да се запазеле ефиканоста и квалитетот на услугите.
Плановите на авиокомпанијата се да ангажира вработени од локалното население. - Инсистираме на вработување на локален персонал односно дел од екипаот да бидат граѓани од Македонија. Секако дека на почетокот имаме оперативни ограничувања и би морале да имаме пилоти од други држави, но понатаму би можеле да настапиме со македонски граѓани, наведе Стивенсон, истакнувајќи дека на пазарите каде се веќе присутни како авиопревозник целиот екипаж е од локалното население.
Виз Ер, според Стивенсон, очекува брз пораст на бројот на патници, односно 100.000 до 150.000 годинава, и до 300.000 патници во текот на наредната година. Развојот на воздушниот сообраќај во Македонија, оцени, е во вистинска насока. - Скопје ќе биде 16 постојана база на Виз Ер. Лани обртот на патници изнесуваше 11 милиони, а со новата база во Скопје очекуваме прометот на патници да изнесува 12 милиони евра. Работиме на над 250 линии на 78 дестинации во 28 држави. Флотата опфаќа сосема нови 38 Airbus A 320 и над 1.500 вработени, а планираме набавка на 100 нови воздухоплови. Виз Ер е најголемиот нискобуџетен авиопревозник во Централна и Источна Европа каде има воспоставено своја база, информира Стивенсон.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески оцени дека дестинациите што се воведуваат од наесен со субвенционирањето на Виз ер се атрактивни и ќе одговорат на потребите на граѓаните за поврзување со Европа. - Нашата цел беше граѓаните на Македонија да можат да се поврзат со Централна Европа и тоа за пониски цени. Навистина цените се драстично пониски во споредба со тие што ги плаќаат сега. Ова ќе бидат доста атрактивни бидејќи самите билети се доста евтини, наведе Јанакиески, кој ги презентира обврските на Виз Ер од договорот.
Реконструкцијата на аеродромите од страна на ТАВ и активностите за подобрување на состојбите во авиосообраќајот, според Јанакиески, веќе резултираат со зголемување на бројот на патници преку аеродоромите во Скопје и во Охрид. Во првиот квартал од годинава споредено со истиот период лани има раст на бројот на патници од 23,8 проценти. Јанакиески очекува до крајот на годинава низ македонските аеродорми да поминат милион патници.
За субвенционирање на Виз ер македонската Влада, согласно потпишаниот тригодишен Договор, ќе одвои 306 милиони денари. Субвенционирањето се врши врз основа на два модели, воведување нови дестинации и зголоемување на бројот на патници. За воведување нови дестинации е предвидена еднократна финансиска помош во износ од 40.000 евра за секоја од првите шест нови дестинации, а потоа за секоја следна нова дестинација има еднократна финансиска поддршка од 30.000 евра. За бројот на патници има субвенции од девет евра по патник во заминување во првата година од договорот, осум евра по патник во втората година и седум евра по патник во третата година.
Главниот оперативен директор на ТАВ Мурат Орнекол истакна дека како концесионер постојано преземаат активности за зголемување на авиосообраќајот. Но, нагласи, тоа мора да се случува паралелно со развојот на економијата и со побарувањата и желбите на граѓаните. Целта е секако да ги привлечеме уште повеќе македонските граѓани, но тоа не зависи само од нас, сепак и вие треба да се вклучите во промовирање на овие активности. Нашите напори продолжуваат и во иднина, а со тоа ќе воведеме нови дестинации и линии. Навистина верувам во развојот во Македонија, рече Орнекол. |