Најочекувана промена се таканаречените „плочки“ односно „tiles“ на почетниот екран, кои сега може дополнително да се прилагодуваат, а корисниците можат да им ја менуваат бојата и големината
„Мајкрософт“ синоќа ја претстави новата верзија на оперативниот систем Windows Phone 8 наменет за мобилните телефони, а софтверот кој е познат како Apollo, ќе има поддршка за процесори со повеќе јадра и екрани со поголема резолуција.
Веројатно најочекувана промена се таканаречените „плочки“ односно „tiles“ на почетниот екран, кои сега може дополнително да се прилагодуваат, а корисниците можат да им ја менуваат бојата и големината. За разлика од претходникот Windows Phone 8 ќе дели дел од кодот со PC верзијата на Windows, што ќе им ја олесни работата на програмерите, при создавањето на апликации за двете платформи.
Оперативниот систем ќе биде опремен и со поддршка за NFC (Near Field Communication) и за microSD картички, а ќе доаѓа со IE 10, опцијата Wallet за мобилно плаќање, како и новите Nokia Maps.
Новите телефони ќе ги прави Nokia, но и Samsung, HTC и Huawei, а ќе користат Qualcomm процесори со две јадра.
Сегашните Windows Phone телефони нема да добијат можност за надградување на софтверот во Windows 8, но ќе ја добијат верзијата Windows 7.8 кој ќе се појави по лансирањето на новиот оперативен систем.