07.06.2012, 17:53 Почина Реј Бредбери, бардот на научната фантастика
Ненадминатиот мајстор на научната фантастика, американскиот писател Реј Бредбери, чии лирски визии за иднината го одразуваа и оптимизмот и неспокојството на повоена Америка, починал во вторникот во својот дом во јужна Калифорнија во 91. година од животот.
Интернет-страницата на „Њујорк тајмс“, пренесувајќи ја веста, потсетува дека Реј Бредбери, автор на познатите „Марсијански хроники“, „Фаренхајт 451“, „Илустрираниот маж“ и „Сончеви златни јаболка“, продал околу осум милиони примероци од своите книги што се преведени на 36 светски јазици.
Според повеќето книжевни критичари, Бредбери е најзаслужен автор за влегувањето на научната фантастика како жанр во т.н. литерарна средна струја. Неговото име секогаш е на врвот од листите на најважни и најпознати научнофантастични автори на 20 век, покрај Исак Асимов, Артур Кларк, Роберт Хејнлејн и Станислав Лем.
Иако никогаш не беше добитник на престижната американска Пулицерова награда за проза, Бредбери во 2007 година го доби специјалното Пулицерово признание за „почитуваната, богата и извонредно влијателна кариера на ненадминат автор на научната фантастика“. |