11.06.2012, 23:02 (ЕП 2012) Шевченко за дебитантска победа на Украина
Ко-домаќинот на ЕП ја совлада Шведска со 2:1, двата гола за Украинците дело на ветеранот од Динамо Киев, за Швеѓаните погоди Ибрахимовиќ
Украина со победа стартуваше на ЕП 2012. Во дебитантскиот настап на завршните турнири Украинците ја совладаа Шведска со 2:1 во групата Д и дополнително ги подгреаја надежите за пласман во нокаут фазата на шампионатот што беше и нивна основна цел. Јунак во мечот беше ветеранот Андриј Шевченко кој со двата гола во второто полувреме (55 мин. И 62 мин.) ја поништи позитивата на Швеѓаните што им ја обезбеди Ибрахимовиќ во 52 минута.
Мечот ни оддалеку не навестуваше таков расплет на настаните. Особено не според прикажаното во првиот дел. Приспивна беше увертирата на олимпискиот стадион во Киев вечерва, а предвесник на возбудувањата и головите беа завршните 15 минути во кои Украинците создадоа четири прилики за гол меѓутоа не реализираа ниту една. На спротивната страна Ибрахимовиќ се закани, но стативата беше сојузник на Пјатов.
Вториот дел далеку повозбулив и подинамичен, период од натпреварот кој донесе три прекрасни гола и еуфорија кај домашните навивачи како да е освоена континенталната круна. Со оваа победа Украина е лидер во групата Д со оглед дека Франција и Англија претходно ремизираа (1:1) и направи голем исчекор кон четврт-финалето на ЕП 2012. (С.Д.)
|