17.06.2012, 16:31 Индискиот милијардер ја одолжи посетата во Македонија
Субрата Рој беше на прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ
Индиската делегација предводена од мултимилијардерот Субрата Рој го одолжи престојот во Македонија за два дена. Иако требаше да си замине вчера, сепак, сопственикот на компанијата „Сахара Индија Паривар“ одлучи да остане до вторник.
Дел од делегацијата вчера беше на разговори во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а дел, пак, во посета на Охридско-преспанскиот и Дојранскиот регион каде што ги разгледуваа туристичките потенцијали.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо, информира дека индиските инвеститори директно се запознале со потенцијалните локации за туристичките зони околу Охридско Езеро, а преку Галичица им биле претставени и можностите на Преспанскиот регион. Според Мизо, тие биле заинтересирани да го видат охридскиот аеродром и да се запознаат со неговите технички перформанси, како и со културните знаменитости што ги нуди Охрид.
Богатиот индиски гостин Рој вчера се прошета и покрај градската плажа, на новоизградената пешачка и велосипедска патека крај Дојранско Езеро, запознавајќи се со локациите наменети за изградба на хотели. Тој бил многу заинтересиран за лековитоста на алгите во Езерото и посочил дека искористувањето на ова природно богатство може да биде потенцијална основа за дополнителен развој на атрактивноста на Дојран.
Дел од индиската делегација која вчера била во Министерството за економија се интересирала за поволностите за инвестиции во прехранбената индустрија што може да ги понуди Источна Македонија со потенцијалните капацитети. Денеска, пак, од надлежните во Министерството ќе побара дополнителни информации за рудните потенцијали во Македонија.
Индискиот мултимилијардер Субрата Рој во петокот најави дека планира да инвестира во Македонија и оти тоа ќе биде голема инвестиција. |