17.06.2012, 16:31 Александар Петрески не ги видел ниту Рој ниту Слим!
Охрид - „Со какви впечатоци се враќаат гостите од Охрид без да се видат со градоначалникот?“, прашуваат од кабинетот на Александар Петрески. Повод за неговата реакција е престојот на индискиот мултимилијардер Субрата Рој, кој викендов престојуваше во Охрид. Мултимилјардерот, чие богатството се проценува на околу 65 милијарди долари уживаше во прошетката покрај Охридско Езеро и на ручекот во „Св. Наум“ во друштво на потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески.
На Владата не и' е прв пат да не го покани градоначалникот Петрески кога во Охрид доаѓаат светските богаташи. Така беше и при посетата на мексиканскиот милијардер Карлос Слим.
„Сметаме дека е крајно непристојно и недипломатски Владата да носи високи странски гости во Охрид, а да не го покани домаќинот да им посака добредојде. Ги потсетуваме да се запрашаат со какви впечатоци се враќаат гостите по сознанието дека не се виделе со градоначалникот на градот во кој престојувале и што ќе помислат за функционирањето на државата во која нема основна соработка на централната со локалната власт“, реагираше градоначалникот на Охрид, Александар Петрески. (В.М.) |