21.06.2012, 22:59 (ЕП 2012) Роналдо ги одведе Португалците во полуфиналето
Со погодокот на ѕвездата на Реал во 79 минута, Португалија славеше во првиот четвртфинален натпревар над Чешка со 1:0
Кристијано Роналдо ја одведе Португалија во полуфиналето на ЕВРО 2012, откако во 79 минута со глава прецизно стрелаше во голот на чешкиот голман Петар Чех. Натпреварот започна отворено со шанси на двете страни, а позрелите ги имаа „европските бразилци", токму преку нивната ѕвезда, Роналдо, откако Португалецот на двапати, најпрвин во првото полувреме, а потоа и во второто од слободен удар, ја погодуваше само стативата од голот на чешката репрезентација.
Чесите покажаа дека се рамноправен противник во првиот дел, но, неиграњето на лидерот во средниот ред Росицки се чинеше како главен проблем во вториот дел во кој целосна доминација на теренот наметнаа португалските фудбалери. Стратегијата да го одиграат натпреварот без голови, со затворена игра, ги чинеше Чесите неуспех за понатамошен пласман на ЕП.
Португалија во полуфиналето ќе игра против подобриот од саботниот четвртфинален дуел меѓу Шпанија и Франција.
|