16.06.2012, 22:20 Македонија повторно ја порази Литванија на нејзин терен
Без Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Лестер Бо Мекејлеб, Владо Илиевски и Маркиз Грин победивме со 78:74
Македонската кошаркарска репрезентација попладнево против Литванија на гостински терен ја постигна првата победа во подготвителниот период за настапот на предолимпискиот квалификациски турнир во Венецуела. Со подмладен состав без речиси целата прва петорка, „црвено-жолтите“ во Клаипеда победија со 78:74 и не му дозволија на противникот реванш за поразот на Европското првенство одржано лани во нивната земја.
Во составот на Македонија ги немаше Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Лестер Бо Мекејлеб, Владо Илиевски и Маркиз Грин, но тоа не ги спречи оние кои денеска имаа можност да играат против големиот противник да остварат победа. Предводници во триумфот на македонските кошаркари беа Војдан Стојановски кој реализира 23 поени и Предраг Самарџиски со 19.
За новиот македонски селектор Марјан Лазовски победата против Литванците е дебитантска откако е прв човек во стручниот штаб.
Македонската репрезентација по враќањето од Литванија, во вторник на 19 јуни во „Спортскиот центар Борис Трајковски“ ќе одржи отворен тренинг на кој ќе можат сите заинтересирани да ја дадат поддршката за „црвено-жолтите“ за успешен настап на Олимписките квалификации во Каракас, Венецуела (2-8 јули). |