13.06.2012, 22:52 Камерон го поздрави решението за референдум на Фокландите
Британскиот премиер Дејвид Камерон го поздрави денеска решението на Владата во Порт Стенли за организирање референдум на Фокландските Острови за нивниот иден политички статус, јави дописникот на МИА од Лондон.
Островите од 1833 година се под контрола на Велика Британија, а сега се британска прекуморска територија со силно истакната автономија.
Во дебата во Долниот дом на британскиот Парламент, Камерон рече дека жителите на Фокландите „имаат апсолутно право“ за да одлучат каква ќе биде нивната иднина. Камерон изјави дека Велика Британија целосно ќе го поддржи и ќе го респектира решението на островјаните.
- Одлуката на жителите на Фокландските Острови ќе мора да ја слушне и да ја разбере Аргентина, изјави пред пратениците британскиот премиер.
Во посебна изјава министерот за надворешни работи Вилијам Хејг го истакна своето уверување дека „Аргентина и целата меѓународна заедница ќе слушнат внимателно што ќе кажат жителите на Островите на референдумот".
Референдумот за политичкиот статус на Островите, кој ќе го организира и ќе го спроведе локалната администрација, ќе се одржи во првата половина на идната година. На Островите живеат само три илјади луѓе, а сите досегашни испитувања на расположението на населението покажува дека огромно мнозинство од нив сметаат дека Фокландите треба да останат британска прекуморска територија, со широка самоуправа.
Аргентина тврди дека овој карпест архипелаг во Јужниот Атлантик е дел од нејзината територија и бара разговори со Велика Британија за сувереноста врз Островите. Во 1982 година двете земји 74 денови водеа војна за островите, откако тие претходно беа окупирани од Аргентинците. Војната заврши на 14 јуни 1982 година, откако инвазионите трупи на Аргентина капитулираа. |