15.06.2012, 14:07 Никола Маџиров добитник на награда за светска поезија во Кина
Поезијата на Никола Маџиров беше објавена на кинески јазик во списанието „Поезија Исток-Запад“ во 2011 година
Никола Маџиров е добитник на наградата за светска поезија „ДЈС“ за 2011 година која се доделува во Кина. Оваа одлука е објавена на официјалната страница на „Поезија Исток-Запад“, издавач на истоимениот магазин за литература кој негува превод на светска литература на кинески јазик и обратно.
Наградата на фондацијата „ДЈС“ вклучува износ од 1.000 долари и објава на книга на кинески јазик следната година. Поезијата на Никола Маџиров беше објавена на кинески јазик во списанието „Поезија Исток-Запад“ во 2011 година, а за сериозноста на оваа награда зборува и фактот што истата година во истото списание на кинески јазик беше објавена и поезија на нобеловците Вислава Шимброска и Томас Транстромер, на полскиот поет Адам Загајевски и други светски автори.
Во образложението на жирито пишува: „Никола Маџиров потекнува од семејство на бегалци од Балканските војни, но тој не го користи јазикот како политичко средство - зад него стои гласот на богатиот балкански фолклор и европската и американска книжевна традиција, со длабоки внатрешни опсервации, прекрасни идеи и користење чист и интензивен јазик“, а понатаму во текстот се наведуваат цитати за неговата поезија од неколку светски автори, како и стихови од книгата „Преместен камен“ и целосна објава на песната „Сенките нe одминуваат“ на кинески јазик.
По оваа награда ќе следува и патување во Кина следната година, каде што ќе биде промовирана неговата книга на кинески јазик.
„Поезија Исток-Запад“ додели и награда за најдобар преведувач на кинеската литература во светски рамки за 2011 година во износ од 1.000 долари, а добитник е канадскиот поет и преведувач Нејл Ајткен.
Оваа голема меѓународна награда за Никола Маџиров доаѓа по успешната промоција на неговата книга на германски јазик во Берлин, Бремен и Келн и пред неговото патување за Лондон, каде ќе ја претставува Македонија на поетската Олимпијада „Поетски Парнас“ на која ќе учествуваат по еден автор од сите земји на светот. |