| 16.06.2012, 13:35 Завршија Рациновите средби Лауреат на годинешново Рациново признание е писателот Христо Петрески за романот „Лифтот не е за двајца‘‘, а на почесното грчкиот писател Костас Валетас  На сцената во амфитеатарот на Младинскиот парк со отворената сцена „Мугра‘‘ на која беа врачени Рациновото и Почесното Рациново признание, синоќа во Велес беа затворени 49-те Рацинови средби. 
 Градоначалникот на Велес, Горан Петров и претседател на Организациониот одбор на средбите и претседателот на жири комисијата Тодор Чаловски, Почесното Рациново признание за 2012 година му го врачија на грчкиот писател и издавач Костас Валетас.
 
 Ова високо признание му се додели заради афирмација и промоција на македонската литература и култура надвор од границите на Македонија.
 
 - Оваа награда е продолжување на соработката меѓу двата народа. Тоа јас го чувствувам и сум многу среќен што ја добивам бидејќи го носи името на Рацин кого не сум го познавал, а го чувствувам како свој пријател и го носам во срцето, исто како и Блаже Конески и уште неколку мои драги македонски писатели. Ние имаме многу блискости во повеќе области во културата и многу заеднички работи не обединуваат и затоа треба да продолжи соработката меѓу нашите два народи и останатите балкански земји. Без разлика што сега ја добив оваа висока награда јас и понатаму ќе продолжам со мојата работа на превод на македонска литература на грчки односно промовирање на културните вредности на вашата и останатите балканските народи, рече Валетас
 
 Рациновото признание за 2012 со одлука на жири комисијата со која претседаваше Тодор Чаловски му беше врачено на писателот Христо Петрески за романот „Лифтот не е за двајца‘‘.
 
 - Наградата Рациново признание е престижна награда која што обврзува бидејќи го носи името на Рацин кој во неговото време бил мошне модерен, авангарден автор. Тој е најсоцијалниот македонски творец и народен поет, изјави Петрески.
 
 Наградата што го носи ова име ја имаат добиено најпознатите македонски прозаисти и сите тие не само што биле стимулирани, туку оваа награда ги обврзала и им помогнала во издигнување на нивниот рејтинг, зголемување на читаноста на награденото дело и она што според мене е мошне битно, потенцира тој, преку оваа награда се шири Рациновиот дух.
 
 Воедно, Рациновите средби ги афирмираат сите творци од земјава и странство одново да го откриваат, толкуваат и да го сакаат Рацин. Вечерта беше збогатена со концерт на Оркестарот на Пеце Атанасовски.
 |