07.06.2012, 17:52 Се урна ѕид на тетовското Кале
„Постои опасност и други делови од бедемот да попуштат“, вели Љуљиета Абази, археолог од Музејот на тетовскиот крај
Гојко Ефтоски
Завчера се урна заштитен ѕид стар 200 години, изграден заедно со другите објекти на тетовското Кале што се наоѓа на врвот на Балтепе. Среќна околност е што во моментот на уривањето немало минувачи, иако непосредно пред тоа поминал пешак.
Тетовецот Борче Петровски е единствениот што се нашол во непосредна близина во моментот кога бедемот попуштил и се струполил врз пристапниот асфалтен пат кон тврдината. Кога забележал дека ѕидот се уривал, се доближил и немо посматрал што се случува. „Кога се' се смири, им пријдовме на чуварите на објектите кои беа пооддалечени. Тие ги известија вработените во Музејот на тетовскиот крај, кои се грижат за санација и конзервација на објектите во Калето, кои се под заштита на државата“, вели Петровски. Тој информираше дека токму тој дел од ѕидот, во чиј состав е јужната влезна капија на Калето, подолго време бил потпрен со греди и талпи и на тој начин било спречено уривањето.
„Уште пред четири години ја согледавме опасноста од уривање на главниот надворешен бедем. Подготвивме и извештај до Управата за заштита на културното наследство. Побаравме средства за санација и конзервација. Се одлучивме со помош на потпори да го спасиме. Но, ете не успеавме. Мислам дека главна вина беа пролетните врнежи кои неодамна продолжија и веројатно ги поткопаа деловите на ѕидот. Сметам дека постои опасност и други делови од бедемот да попуштат, а со тоа да се создадат уште поголеми обврски во санацијата и конзервацијата што ја вршиме неколку години на тетовското Кале“, вели Љуљиета Абази, археолог, раководителка на проектот, инаку вработена во Музејот на тетовскиот крај. Според Абази, за конзервација на деловите од оградниот ѕид на Калето, подигнати за време на изградбата на целиот комплекс пред околу 200 години, потребно е да се изработи елаборат, да се обезбедат финансиски средства и да се пристапи кон заштита. Абази апелира до надлежните во Управата за заштита на културното наследство и до локалната самоуправа на Тетово да ги обединат силите и да изнајдат средства за санирање на состојбата. Најнапред неминовно е отстранување на одронетите материјали на пристапниот пат кој преку Калето продолжува и кон неколку шарпланински села, а потоа и санација на другите ѕидови. Љуљиета Абази смета дека и другата капија на Калето, која повеќе е позната како Лавчанска порта, е загрозена и дека се потребни итни мерки и за нејзина санација.
Објектите на тетовското Кале почнале да се градат во 1820 година, под водство на тогашниот тетовски паша Абдурахман. Изградени биле сарај со бањи, трпезарија, зандани, караули и сето тоа оградено со големи и широки ѕидови од три-четири метри, ѕидани од специјален бигор, мермер и железо.
Во 2008 година на Калето почнаа да се одвиваат археолошки ископувања. Наредната година се обновуваше кујната и трпезаријата. Поради недостиг од финансиски средства, работите сега се во застој. |