11.06.2012, 15:12 Започнува новиот живот на документарни филмови
Од 15 до 22 јуни во Куршумли-ан и во Детскиот театарски центар ќе се одржи третото издание на „МакеДокс“, фестивал на креативен документарен филм
Тина Иванова
„Започнува нов живот, слоевит“, е мотото на годинашното издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое ќе се одржува од 15 до 22 јуни во Куршумли-ан и во Детскиот театарски центар во Старата чаршија.
Третото издание на „МакеДокс“, во петок во Куршумли-ан во 21 часот, го отвора премиерата на документарниот филм „Бебиња“ на францускиот режисер Томас Балме, филм без текст, кој го следи животот на четири бебиња од различни краишта на светот во првата година од нивниот живот.
До крајот на годинашното фестивалско патување, љубителите на документарниот филм ќе имаат можност да погледнат вкупно 62 остварувања од светската и домашната документарна продукција. Програмата ја чинат неколку поднаслови, односно слоеви како што кажува и самото мото - „Слоевит кромид“ (главна), „Млад кромид“ (нови автори), „Балкански кромид“ (балканска) и „Децата од планетата кромид“ (програма за деца и млади). Детската програма всушност, ќе се одвива во еден ден, на 17 јуни, кога во Детскиот театарски центар од 11 до 19 часот, ќе бидат прикажани девет филмови.
Авторскиот фокус годинава се става на творештвото на еден од највлијателните српски режисери, Желимир Жилник, главната фигура на т.н. „Југословенски црн бран“ кој ќе одржи мастер-класа на 21 јуни. Жилник се смета за еден од најистрајните, а истовремено и најнепристрасните, политички заинтересирани, а неморализирачки режисери, правник кому правото му притребува само кога треба да ги брани своите уметнички дела на суд, со кариера која се чини хетерогена, еклектична и индивидуална.
„МакеДокс“, како што соопштија неговите организатори на вчерашниот прес, носи филмови кои отвораат повеќе слоеви на моменталната состојба на планетата Кромид, кои го прикажуваат слоевитиот живот во Јоханесбург, Намибија, Централна Африка, Либерија, Токио, Аргентина, Мексико, Чиле, пустината Атачма, Дубаи, Чикаго, Њујорк, плажата Бомбај, Москва, Украина, Љубљана, Загреб, Скопје.. Овогодинешен фокус се балканските документарни филмови, дел од програмата „Балкански кромид“.
„Годинава се обидовме да ја прикажеме слоевитоста на кромидот, односно се' што се случува во светот денес. Имаме филмови кои на емотивен и креативен начин ја прикажуваат денешната состојба во светот, филмови за насилството, филозофски приказни за состојбата на духот денес, политички филмови, комедии...“, вели Петра Селишкар, селектор на „МакеДокс“.
„Задржавме многу од старите содржини, но внесовме и многу нови. Воведовме и неколку работилници кои се надеваме дека ќе ја поттикнат документарната сцена. Фестивалот ќе го посетат и околу 60 гости претежно од Европа, што сметаме дека е завидна бројка“, вели Киријана А. Николоска, директор на „МакеДокс“. На фестивалот ќе се одржат работилници за продукција, за монтажа и за анимација за млади, кои ќе ги водат видни гости од странство, како и дебати под наслов „Муабети под смоква“ на кои токму под една смоква во Куршумли ан ќе се зборува за документаристиката од различни аспекти, а на кои ќе гостуваат признати документаристи од Европа.
Како што истакна продуцентот на „МакеДокс“, Бранд Ферро, годинава фестивалот ќе претстави и дел од творештвото на великанот на македонската фотографија и кинематографија, Благоја Дрнков, како и на двајцата современи македонски автори-документаристи, Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски, со избор на нивни дела настанати помеѓу двете фестивалски изданија. „Годинашнава селекција е далеку подобра од онаа од изминатите две години. Не очекува содржински фантастично издание“, вели Ферро.
Во рамките на фести��алот ќе се одржи и промоција на книгата „Антологија на солзите“, која претставува избор од поезија приредена од проф. Иван Џепароски, а во која на непосреден или посреден начин се опејува кромидот. Исто така, „МакеДокс“ и годинава го продолжува своето патување низ Македонија, во рамките на проектот „Патувачко кино“. Од 3 до 18 август, „МакеДокс“ ќе патува со кино караванот низ Малешевијата, низ селата Двориште, Ратево, Русиново, Берово, Владимирово, Црних, Пехчево, Панчарево, Митрашинци, Блатец, повторно обидувајќи се да ги децентрализира културните случувања и да им донесе одредена културна доза и на овие места.
Фестивалот и годинава е со натпреварувачки карактер. Пет разлижни жирија, ќе ги оценуваат филмовите за наградите „Кромид“, за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма, „Млад кромид“, за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм), „Кокарче“, за најдобар филм за деца и млади, како и две специјални награди - за филм со најдобра презентација на темата „Човекови права“ и за филм за најдобри етички идеи.
Организаторот на „МакеДокс“ ја најави и својата нова активност - пилот програма која треба да почне годинава, за воведување на документарни филмови во наставата во средните училишта.
Билетите за третиот „МакеДокс“ чинат 150 денари за вечерните прикажувања во Куршумли ан, односно 50 денари за дневните во Детскиот театарски центар, а цената на комплет влезници изнесува 800 денари. |