16.06.2012, 23:24 (ЕП 2012) Чешка и Грција први четвртфиналисти на ЕП
Во решавачките дуели во групата А, Чесите ја совладаа Полска со 1:0, со идентичен резултат Грците ја добија пресметката со Русите
Репрезентациите на Чешка и Грција се четвртфиналисти на Европското фудбалско првенство од групата А. Чесите со голот на Јирачек во 73 минута ја совладаа Полска, Карагунис ги поведе Грците меѓу осумте најдобри на турнирот со погодокот во првата минута од судиското продолжение во првиот дел.
Чешка ја елиминира Полска благодарение на одличното второ полувреме вечерва во Варшава. Чешките репрезентативци во целост го надиграа ко-домаќинот на првенството чии играчи беа подобри само во воведните половина час од средбата. Но, во часот што следуваше како да "исчезнаа" од тревникот. Иницијативата на теренот ја манифестираа со реализација преку контра, во главната улога беше Петр Јирачек по асистенција на Милан Барош. Полјаците се разбудија дури во завршните моменти, но на крајот се покажа како задоцнет нивниот обид да избегнат пораз и елиминација.
Друштво на Чесите во нокаут фазата ќе им прават, до пред вечерашните дуели, прежалените и веќе отпишани Грци кои изненадувачки ја победија Русија која во првите два меча на шампионатот прикажа моќна и ефикасна игра меѓутоа, "зборнаја", сепак, ќе мора дома уште по групната фаза. Тимот на Дик Адвокат не успеа да го пронајде патот до грчката мрежа. По примениот гол холандскиот тренерски стручњак ги уфрлуваше во игра, еден по еден, напаѓачите, од Павлјученко преку Погребњак до Исмаилов, а, сепак, најизгледната прилика за израмнување ја имаше Ѕагоев во 84 минута. Трикратниот руски стрелец на ова ЕП биеше со глава, а топката за неколку сантиметри мина крај противничкиот гол. Грците уште еднаш покажаа одличен карактер во дефанзива. Во последниот меч во групата влегоа со само еден освоен бод и не се предадоа туку напротив со погодокот на капитенот Карагунис ја совладаа Русија и резервираа место во четвртфиналето.
Група А
Резултати, 3. коло: Полска - Чешка 0:1, Грција - Русија 1:0
Табела
1. Чешка 3 2 0 1 4:5 6
2. Грција 3 1 1 1 3:3 4
3. Русија 3 1 1 1 5:3 4
4. Полска 3 0 2 1 2:3 2 |