09.06.2012, 12:45 (ЕУРО 2012) Германската тешка артилерија против Роналдо
„Панцерите" треба да го запрат напаѓачот на Реал за да ја совладаат Португалија вечерва на ЕП
„Групата на смртта" е вруток на еуфоријата за Европското фудбалско првенство во Полска и во Украина. Секоја наредна пресметка ќе биде своја приказна, со нов заплет во оваа група. Првите редови во непознатото сценарио ќе ги испишат дуелите Германија - Португалија и Холандија - Данска.
Германците се втор фаворит на шампионатот, веднаш зад Шпанија. Јасно е што треба за да се кренат на нивото на оваа улога - победа на секој натпревар. Но, тоа е полесно да се каже отколку да се оствари, особено против селекција која го има, според многумина, најдобриот фудбалер на светот. Најважен чекор до триумф во вечерашниот меч ќе биде да се запре Кристијано Роналдо.
Германскиот селектор Јоаким Лев располага со вистинско богатство од таленти во средниот ред и во нападот, но ситуацијата е дијаметрално различна во одбраната. Според неговиот асистент Ханси Флик, сите се здрави, но допрва ќе се обликува формацијата. Предност можеби ќе добие искусниот Пер Мертезакер, кој се врати пред неколку недели по операцијата на скочниот зглоб во февруари.
"Ќе мора многу да комуницираме на теренот и да се поддржуваме еден со друг. На Роналдо треба да му овозможиме што помалку ситуации еден на еден", изјави Мертезакер.
Соиграчот од Реал Мадрид, Сами Кедира, има интересна теорија како да се запре Роналдо. "Треба да му го расипеме уживањето во мечот. Тој е Португалец, а Португалците не функционираат добро кога не уживаат", објасни Кедира. Аналогно на ова, за Пиринејците мечот со Германија ќе зависи од тоа како ќе одигра Роналдо. Тој веќе демонстрираше самодоверба кога изјави дека Португалија планира да го освои првенството.
Селекторот Пауло Бенто, исто така, е оптимист, но поумерен во најавите. "Сакаме да стигнеме најдалеку што можеме, а наша прва цел е четврт-финалето", рече Бенто, кој никако да ја уигра репрезентацијата. Португалија одигра лоши подготвителни дуели, во кои загуби од Турција со 3:1 и ремизира 0:0 со Македонија. Ова ќе биде шанса да и' се одмаздат на Германија за поразот од 3:2 во групната фаза на ЕП 2008. Тоа е само еден од вкупно осум неуспеси против Германците во 16 меѓусебни средби. Португалија три пати победила, а пет пати немало победник.
Слични сметки за расчистување има и Данска против Холандија. На Мундијалот пред две години "лалињата" ги совладаа Данците со 2:0 во меч кој ги отвори натпреварите во нивната група, исто како што денешниот во 18 часот ќе означи почеток на возбудувањата во групата Б. Данска е, условно, аутсајдерот во ова друштво и поените против неа се обврзувачки за секој што ќе сака да се пласира понатаму.
Селекторот на Холандија, Берт ван Марвајк, смета дека ова е најважниот меч за нив, особено што Данците добро ја познаваат Холандија.
"Немаме тајни пред нив, бидејќи многумина од данските фудбалери играат во холандското првенство. Тие играат во еден ист стил, но многу ги почитуваме", изјави Ван Марвајк, свесен дека Данска има капацитет да го повтори шампионското изненадување од 1992 година.
Својата шанса Данците ја гледаат во лабавата одбрана на "портокаловите", која дополнително ќе биде хендикепирана со отсуството на Матајсен. "Трениравме интензивно и репрезентацијата изгледа одлично. Уште последните тактички и технички детали и ќе бидеме максимално подготвени", охрабрува "шпицот" на Данска, Никлас Бентнер.
Не сметајќи го триумфот на пенали во полуфиналето на ЕП 1992, Данска нема победа против Холандија цели 45 години.
На "Металист стадион" во Харков топката ќе тргне од центарот во 18 часот. Во 20,45 часот во Лвов, пак, Германија и Португалија ќе ја почнат својата битка. (В.А.)
|