14.06.2012, 21:11 Кошаркарите убедливо изгубија во „контролката“ со Русија
Македонската кошаркарска репрезентација попладнево загуби од Русија во пријателски натпревар во Литванија со 80:61
Македонската кошаркарска репрезентација попладнево загуби од Русија во пријателски натпревар одигран во Каунас, Литванија. Конечниот резултат е 61:80 (по четвртини 15:14; 20:16; 14:26 и 12:24).
Иако првите две четвртини ги доби нашата селекција и на полувреме замина со предност од пет поени разлика, сепак во вториот дел се почувствува отсуството на искусните Перо Антиќ, Тодор Гечевски, Владо Илиевски и Лестер Бо Мекејлеб, кое Русите го искористија особено со играта под кошевите каде тие доминираа.
Македонија на овој натпревар кој е во функција на подготовка за учеството на Олимписките квалификации, настапи со подмладен состав. Во „црвено-жолтиот“ дрес дебитираа Стојан Ѓуроски, Тод Зафировски и 15-годишниот Кристијан Николов, а со чести измени, селекторот Марјан Лазовски им даде добра можност на сите кошаркари при овие воигрувања за настап на предолимпискиот турнир во Венецуела.
Поради повреда на почетокот на второт полувреме Маркиз Грин го напушти теренот и тогаш започна резултатскиот пресврт.
Во сабота во Клаипеда, репрезентацијата на Македонија ќе одиграат уште еден контролен натпревар, овојпат со домашната репрезентација на Литванија.
Токму репрезентациите на Русија и Литванија, се едни од главните конкуренти за трите места на турнирот во Каракас (Венецуела), преку кои се обезбедува пласман на Олимписките игри во Лондон.
Македонија во првата (групна) фаза на турнирот во Каракас (од 2 до 8 јули), ќе игра против Нов Зеланд и Ангола. |