10.06.2012, 22:57 (ЕП 2012) Хрватите сигурни против Ирска
Дуел на Кин и Чолрука
Селекција предводена од Славен Билиќ забележа победа против Ирска со 3:1, во својот прв меч на ЕП
Три бода за Хрватска во воведниот натпревар од ЕУРО 2012. „Коцкестите“ ја победија селекцијата на Република Ирска со 3:1, во вториот меч од Ц групата, со што ја истакнаа својата кандидатура за пласман во четврт-финалето.
Рано почнаа да се бројат головите во Познањ, уште во третата минута кога Манџукиќ биеше со глава од 13-14 метри, а голманот Шеј Гивен реагираше лошо, оставајќи ја топката да заврши во неговата мрежа. Играта на Ирците не ветуваш многу, но затоа изедначија во свој стил, по прекин, во 19 минута.
Кевин Дојл изведе слободен удар од лево, а на втора статива Сент Леџер се ослободи од млитавата одбрана на Чорлука и го совлада Стипе Плетикоса. Сепак, Хрватите заминаа со предност на пауза, бидејќи Јелавиќ се снајде убаво во шеснаесетникот на Ирска, по една одбиена топка и ја погоди целта.
Во второто полувреме до израз дојде ограниченоста на Ирците, особено во ситуација кога губеа и со два гола разлика. По само три минути игра во вториот дел, повторно Манџукиќ стрелаше прецизно со глава, а Гивен реагираше уште понесмасно, за 3:1. Ирците не успеаја да ја презедат иницијативата, Хрватска ја контролираше средбата и ја зачува предноста до крајот.
По првото коло во групата Ц, Хрватите водат со три бода, Шпанија и Италија имаат по еден, Ирска е на нула. Во второто коло, на 14 јуни, играат Шпанија Р. Ирска, Хрватска - Италија. (В.А.) |