13.06.2012, 13:33 Писателот Зоран Пејковски добитник на „Празник на липите“
Песната „Завештание‘“ и' ја посветив на поетесата Христова-Јоциќ, изјави наградениот поет
Битолскиот писател и поет Зоран Пејковски е годинашен добитник на наградата за најдобра песна на тема „Липа“ на книжевната манифестација „Празник на липите“ што традиционално ја организира Друштвото на писателите на Македонија.
Во конкуренција од 25 пристигнати песни, жирито во состав - Христо Петрески, Билјана Станковска и Панде Манојлов му ја додели наградата „Празник на липите“ на Пејковски за песната насловена „Завештание“, која тој и' ја посвети на неодамна починатата поетеса Светлана Христова-Јоциќ.
„За мене оваа награда претставува возвишено чувство затоа што е добиена на книжевна манифестација зачната од нашата вечна Светлана Христова-Јоциќ. Песната ’Завештание‘ и' ја посветив на поетесата Христова-Јоциќ со цел да и' искажам едно големо благодарам за тоа што го направи за македонската литература“, вели поетот Зоран Пејковски, кој воедно е основач и уредник на битолскиот весник „Јавност“.
Зоран Пејковски две децении е член на ДПМ, автор е на десетина книги, поезија, драми, публицистика, работи и на литературни и театарски критики, и е преведуван на неколку јазици. (К.Р.) |