19.06.2012, 12:16 Младите во Македонија се емоционално занемарени
Дури единаесет отсто биле изложени на физичка злоупотреба
Единаесет проценти од момчињата и девојчињата биле изложени на физичка злоупотреба, а 30 проценти биле емоционално занемарени, покажаа резултатите од истражувањето спроведено од Клиниката за психијатрија врз репрезентативен примерок од ученици (663) од четврта година во средните училишта и студенти (613) од прва и четврта година на четири универзитети во Македонија.
На промоцијата на Извештајот од истражувањето за застапеноста и факторите на ризик за злоупотреба и занемарување кај деца, професор д-р Марија Ралева од Клиниката за психијатрија рече дека според резултатите од истражувањето, сексуалната злоупотреба е позастапена кај момчињата отколку кај девојчињата што според неа е еден образец кој не се сретнува во другите средини.
- Физичката злоупотреба е меѓу најзастапените форми на злоупотреба, а емоционалното занемарување е се повеќе проблем од кој трпат младите во ова време на промени, транзиција и многу малку поминување заедничко време меѓу родителите и децата, рече Ралева.
Високо е застапено тепањето како начин на воспитување на децата.
- Студијата покажа дека сите видови злоупотреба имаат тенденција да се кумулираат односно да предизвикаат долготрајни последици кои се одразуваат врз здравјето. Ризикот од конзумирање дроги, алкохол и самоубситво е значително зголемен поради негативните искуства од детството. Ова укажува дека сериозно треба да се земе факторот на секаков вид злоупотреба на децата и нивно изложување на негативни искуства, додаде Ралева.
Димитринка Јорданова Пешевска од Министерството за здравство рече дека психичкото занемарување подразбира еден аспект на негрижа односно вербално казнување, и изразување на негативни конотации кон лицата.
Со оваа студија, посочи таа се, детектирани се сите форми на насилство во земјата. Тоа дава добра база бидејќи е поврзанно со формирање национално координативно тело за справување со злоупотреба и занемарување на деца.
- Во наредните шест месеци како заедничка активност на Светската здравствена организација и министерствата за здравство и за труд и социјална политика е рефлектирање на податоците кои може да се планираат за конкретни програми за спречување и заштита на децата од злоупотреба и занемарување, додаде Јорданова Пешевска.
Александар Бучарт, координатор за превенција од насилство во главната канцеларија на СЗО - Женева, рече дека негативните иксуства од детството претставуваат главен ризичен фактор кој се поврзува со заболувања врзани за пушењето, алкохолот, дијабетесот, депресијата и тн. Според него, п��виот чекор за надминување на овие негативни искуства како последица на секаков вид злоупотреба во детството се сведува на превенцијата односно треба да се разбере колкав е нивниот број и на кој начин влијае тоа.
Извештајот од истражувањето за застапеноста и факторите на ризик за злоупотреба и занемарување кај деца е изготвен од Клиниката за психијатрија во соработка со Светската здравствена организација. |