21.06.2012, 09:40 Адриан Настасе се обидел да се самоубие
Поранешниот романски премиер Адриан Настасе, кој вчера беше осуден на две години затвор за корупција, се обидел да се самоубие неколку часа откако ја дознал пресудата, соопшти романското Обвинителство.
Медиумите објавија дека Настасе на носилка и во безсознание бил ставен во медицинско возило и пренесен во болница во Букурешт.
Според медицински извори, Настасе си пукал во вратот кога полицијата дошла да го уапси во неговата куќа.
Актуелниот романски премиер Виктор Понта го посетил својот близок сојузник во клиниката, тврдејќи дека неговата здравствена состојба е под контрола, без да соопшти повеќе детали за неговите повреди.
Поранешниот романски премиер вчера беше осуден на две години затвор поради корупција. Петчлен состав на Врховниот суд ја потврди пресудата изречена на 30 јануари оваа година.
Настасе кој беше премиер од СДП меѓу 2000-2004 година, стана првиот владин раководител во Романија, осуден за корупција. Настасе беше обвинет дека ја финансирал неуспешна своја предизборна кампања за претседателските избори во 2004 година со средства добиени во рамки на симпозиумот „Трофеј на квалитетот“, организиран од Државниот градежен инспекторат.
Романскиот Касационен суд тогаш донесе одлука да му бидат одземени некои од правата на Настасе во период од три години и да ми бидат конфискувани околу 40.000 леи (9.238 евра).
Поранешниот премиер беше обвинет минатата година, заедно со директорката на Државниот градежен инспекторат Ирина Жијану и други четири лица. Настасе е обвинет дека ја финансирал својата предизборна кампања со пари, добиени од компании кои учествувале на конкурост „Трофеј на квалитетот“, организиран од Државниот градежен инспекторат.
Парите биле дадени под форма на такса за учество во конкурсот. Средставата завршиле на сметка на компанија блиска до Настасе, која била партнер на Државниот градежен инспекторат во организирњето на конкурсот. Настасе и неговите адвокати оценија дека процесот е политички мотивиран.
|