11.06.2012, 15:40 Македонките најчесто се мажат на возраст од 25 години
Минатата година и склучените и разведените бракови бележат пораст
Минатата година бројот на склучени бракови и разведени бележи зголемување во однос на претходната година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на склучени бракови е зголемен за 4,1 отсто и изнесува 14.736 брака, а бројот на разводи бележи зголемување од 1,9 отсто и изнесува 1.753 разведени бракови.
Најмногу бракови во текот на годината се склучени во август 12 отсто, а најмалку во март 5,5 отсто. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92,9 отсто за жените и 91,6 отсто за мажите. Во втор брак со учество од 8,2 отсто и во трет брак со учество 0,7 отсто во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.
Просечната возраст при склучување прв брак е 25,4 години за невестата и 28,3 години за младоженецот.
Најмалку бракови во текот на годината се разведени во август 3 отсто, а најмногу во ноември 10,6 отсто.
Најголем број разведени бракови, според возраста на сопругата, 19,5 отсто, се случиле во старосната група од 30 до 34, а за сопругот, 20,1 отсто, во старосната група од 35 до 39 години.
|