18.06.2012, 23:06 (ЕП 2012) Четвртфиналните порти останаа заклучени за Хрватска
"Коцкестите" загубија со 1:0 од Шпанија на која друштво меѓу осумте најдобри на ЕП 2012 од групата Ц ќе и' прави Италија по победата над Р. Ирска со 2:0
Шпанија ја совлада Хрватска со 1:0 за освојување на првото место во групата Ц и пласман во четвртфиналето на европското фудбалско првенство во Полска и Украина. Четвртфиналните порти за "коцкестите" ги заклучи Хесус Наваз со погодокот во 88 минута, откако Ракитиќ не погоди при резултат 0:0 по асистенција на Модриќ. "Виновник" што Хрватска остана на нула вечерва беше Икер Касилјас. Во 59 минута уште еднаш покажа дека е еден од најдобрите голмани во светот кога со извонредна реакција спречи водство на противникот по што мечот ќе добиеше сосема поинаков тек. За играч на натпреварот, сепак, конкурира Иниеста под чија контрола беше шпанскиот среден ред, а во 88 минута избегна офсајд замка, прими топка и му асистира на Навас во акцијата при постигнување на победничкиот гол.
Италија е вториот патник во четвртфиналето од групата Ц. "Азурите" ја совладаа Република Ирска со 2:0 со погодоците на Касано во 34 минута и на Балотели во 90 минута. Италијанците имаа целосна контролата врз играта и рутински го приведоа мечот до крај и заедно со Шпанците утревечер ќе ги очекуваат своите ривали во четвртфиналето од групата Д. Во игра се Англија, Франција и Украина. Веќе се познати две четвртфинални двојки. Во четврток ќе играат Португалија и Чешка, ден подоцна ќе се соочат Германија и Грција.
Група Ц
Резултати, 3. коло: Италија - Република Ирска 2:0, Хрватска - Шпанија 0:1
Табела
1. Шпанија 3 2 1 0 6:1 7
2. Италија 3 1 2 0 4:2 5
3. Хрватска 3 1 1 1 4:3 4
4. Р. Ирска 3 0 0 3 1:9 0
|