08.06.2012, 13:07 (ЕВРО ВЕСТИ) Баерн Минхен со десетмина играчи на ЕП
По веста за смртта на неговиот татко, англискиот голгетер Џермејн Дефо го напушти тренинг-кампот во Краков и се врати во родната Англија
Европскиот клупски вецешампион Баерн Минхен ќе има најмногу играчи на ЕП. Списокот на фудбалери од баварскиот тим ќе го предводат имињата од германскиот состав, и тоа голманот Ноер, дефанзивците Лам и Боатенг, играчите од средниот ред Швајнштајгер и Крос и напаѓачите Милер и Гомез. Покрај играчите од составот на „панцерите“, на ова ЕП од баварскиот тим ќе настапи и Хрватот Прањиќ, како и Робен и Марк ван Бомел од Холандија. Листата на играчи на Баерн ја комплетира Французинот Рибери.
Петмина дебитанти на првенството
Петмина фудбалери, од кои тројца голмани, ќе играат на Европското првенство во Полска и во Украина, а немаат воопшто настапено за своите сениорски репрезентации. Станува збор за Италијанецот Емануеле Џакерини (27), за Русинот Владимир Гранат (25), за англискиот голман Џек Батленд (19), за Хрватот Иван Келава (24) и за Данецот Каспер Шмајхел, син на легендарниот Петер Шмајхел.
Дефо се врати дома по смртта на татко му
По веста за смртта на неговиот татко, англискиот голгетер Џермејн Дефо го напушти тренинг-кампот во Краков и се врати во родната Англија. Само еден ден пред почетокот на ЕП селекторот Рој Хоџсон нема да повика замена за играчот на Тотенхем. Дефо се очекува да се врати пред понеделник, термин за кога е закажан првиот натпревар на „Гордиот Албион“ со европскиот шампион од 2000 година, Франција. Овој меч 29-годишниот играч се очекува да го почне од клупата за резерви.
Засега на списокот на Хоџсон во прв план во нападот му се Даниел Велбек и Енди Керол. Напаѓачот на Манчестер Ј., Вејн Руни, поради суспензија ќе ги пропушти првите два меча.
Во последниот подготвителен натпревар за претстојното ЕП со Белгија, Дефо влезе во игра во второто полувреме, а Англија славеше со 1:0.
Италијанците и Холанѓаните го посетија Аушвиц
Фудбалските репрезентативци на Италија и на Холандија го посетија Аушвиц и им оддадоа почит на жртвите од најголемиот нацистички логор во Втората светска војна. Во паузата на подготовките за ЕП играчите од двата тима го посетија местото на југот од Полска каде што беше извршено едно од најголемите злосторства во светската историја.
„Нашите генерации имаа среќа што овие страшни сцени можеа да ги видат само на телевизија или да ги прочитаат во книги, но навистина е неверојатно кога тоа ќе го слушнете од тие што биле на местото на настанот и успеале да преживеат“, изјави италијанскиот дефанзивец Џорџо Кјелини.
Покрај Италијанците и Холанѓаните, Аушвиц го посетија и играчите на Англија и на Германија. Во нацистичкиот логор, кој беше изграден во 1939 година, убиени се 1,3 милиони луѓе, од кои 1,1 милион беа Евреи.
|