04.04.2012, 13:14 Шурман: Македонија во НАТО веднаш штом се реши името
Амбасадорката на Кралството Холандија по денешната средба со Лазар Еленовски од Евро-Атлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ)
Со исполнети критериуми за членство во Алијансата, на Македонија не и треба самит, бидејќи поканата ќе ја добие веднаш штом се изнајде компромисно решение за името со Грција, посочија на денешната заедничка прес-конференција Лазар Еленовски од Евро-Атлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ) и Мариет Шурман, амбасадорката на Кралството Холандија, која е НАТО контакт амбасада во Република Македонија.
- На Македонија не и треба самит за да стане членка на НАТО. Важат одлуките од Букурешт и од Лисабон дека Македонија има отворена покана за Алијасната штом се изнајде заемно решение за билатералниот спор меѓу двата соседа. Одлуката на МСП од Хаг е одлука за однесувањето на двете страни во однос на Времената спогодба, а не за одлуката на НАТО која се носи со консензус. Но, тоа е одлука и ние сме задоволни што Владата на Македонија ја интерпретира како поттик за да ги заживее разговорите со својот сосед за изнаоѓање решение за името што ќе дозволи интеграција на земјата во НАТО и ЕУ што ние сите го посакуваме, рече амбасадорката Шурман на прес-конференција по пвоод 63 години од основањето на НАТО.
Еленовски, пак, подвлече дека во македонската јавност непотребно се создава тензија во пресрет на Самитот во Чикаго во однос на нашето зачленување во НАТО, бидејќи тој нема да биде самит на проширување.
- Принципот на консензус е основен. На последните три самита Алијансата со слична реченица кажа дека Македонија ги исполнува сите критериуми, но останува прашањето со нашиот јужен сосед кој што треба да се реши во рамки на ОН во Њујорк. Се уште немаме никакво решение, одлуката од Хаг е легитимна, но за жал станува збор за политички проблем. Таа има влијание, но сите сме свесни за политичката и економска криза со која се соочува другата страна која оневозможува сериозни преговори, смета Еленовски.
Според него, Алијансата во моментов е преокупирана со современите предизвици на светската безбедност, а на претстојниот самит клучни ќе бидат три теми - Мисијата ИСАФ во Авганистан за повлекување на трупите во 2014 година, концептот на „паметна одбрана“ поради драстичното кратење на буџетите за одбрана кај членките и аспирантите и улогата и соработката со глобалните партнери.
Потсети дека во тој поглед Македонија иако мала држава дава сериозен придонес кон регионалната и глобалната безбедност. Дополнително сите држави од регионот се свесни дека не можат сами да ги градат капацитетите и оти се потребни заеднички напори на проекти. - Пример е СЕЕБРИГ бригадата која може да биде добро јадро за проширување на регионалните проекти околу кои треба да се обединиме, рече претседателот на ЕАСМ и поранешен министер за одбрана Лазар Еленовски.
На 63-годишнината од основањето на НАТО двајцата подвлекоа дека од 1949 година до денес Алијансата претрпе сериозни трансформации следејќи ги глобалните промени, а Северноатлансткиот договор со кој беше воспоставена е исто толку релевантен денес како и тогаш.
- Од организација која првично беше основана да ја штити Европа од Советската експанзија и оживувањето милитантниот национализам на безбедноста на Европа таа стана организација чија амбиција е да ја прошири сферата на мир и безбедност низ целиот свет. Она што е констатнта за целото ова време е дека НАТО стана извор на стабилност и опстана како заедница која споделува заеднички вредности и цели - заштита на слободата на индивидуата и владеење на правото, рече амбасадорката Шурман.
|