05.04.2012, 16:52 Терористи на суд за нападот на кулите близначки
Соединетите Американски Држави и официјално изведоа пред суд петмина осомничени милитанти на Ал Каеда за кои се верува дека ги планирале 11-септемвриските терористички напади. На петтемина затвореници во Гавантанамо, вклучувајќи го и наводниот планер Калид Шеик Мохамед, ќе им суди воена комисија. Тие се соочуваат со обвиненија за тероризам, киднапирање, заговор, убиство и уништување имот. Ако бидат прогласени за виновни, може да им биде изречена смртна казна, потврди Пентагон.
На Калид Шеик Мохамед и на уште четворица други – Валид бин Аташ, Рамзи Биналшиб, Али Абд ал-Азиз Али и Мустафа Ахмед ал-Хавсави – се очекува да им се суди заедно, додава Пентагон. Тие се обвинети за планирање и извршување на терористичките напади на 11 септември 2001 година, кога со киднапирани авиони беа нападнати цели во Њујорк, Вашингтон и Шанксвил, Пенсилванија. Во нападите вкупно 2.976 лица ги загубија животите.
На петтемина осомничени треба да им бидат прочитани обвиненијата пред воениот суд за 30 дена, и се очекува да биде побарано од нив да се изјаснат по нив. Одлуката да се упатат обвиненијата пред воена комисија беше донесена по долгата правна расправа околу тоа каде да бидат изведени обвинетите пред лицето на правдата. Во 2009 година администрацијата на Обама се обиде да го пренесе нивниот случај пред граѓанските судови на САД, но во април 2011 година ја ревидираше својата одлука по големото противење во јавноста. Петтемина конечно беа обвинети во јуни 2011 година за прекршоци слични на оние со кои беа обвинети од администрацијата на Буш.
Американскиот претседател Барак Обама во 2009 година дојде на власт со ветување дека ќе го затвори затворот во заливот Гавнатанамо.
|