06.04.2012, 13:26 Сериски убиец сее страв во парискиот регион
Убиството на една 48-годишна жена во влезот на нејзината зграда во Грињи (париски регион), само ја зголеми мистеријата која ги обвива неколкуте убиства што се случија во департмантот на Есон од ноември 2011 година, јави дописникот на МИА од Париз.
Убиството се случи вчера кога убиецот со три куршуми со калибар 7,65 мм ја убил жената, по што побегнал со мотор. Според полицијата, истиот калибар бил употребен и во трите други убиства што се случија изминатите четири месеци во истиот сектор. Експерите изутринава потврдија дека станува збор за исто оружје.
Во сите четири случаи жртвите се непознати во полициските служби, сите беа убиени во колективните делови на зградите, среде бел ден, според начин со кој се служи големиот бандитизам. Првата жртва беше една 35-годишна жена, која на 22 ноември 2011 беше убиена со повеќе куршуми на паркингот од нејзината резиденција.
На 22 февруари на истото место беше убиен со куршум в глава нејзиниот 51-годишен сосед. На 17 март исто така со куршум в глава беше убиен 81-годишен човек во Рус-Оранжис на влезот од неговата зграда.
Сите сцени на злосторствата се случија на стотина метри од влезот на Автопатот А6 и националниот пат Н6, што дозволува набрзина да се побегне од местото на настанот.
Полицијата веќе имаше затворено едно лице обвинето за првото убиство, кое најпрво призна а потоа пред судијата ја повлече изјавата.
Сега истражните органи работат под притисок, само три недели по аферата со терористот од Тулуз Моханед Мера. Полицијата доби засилување и засега истрагата е насочена кон контролата на сите моторцикли во Есон.
Според министерот за внатрешни работи Клод Геан, постојат сомневања дека убиецот е осаменик и сериски убиец, дека може да се стравува од него како и во сите други криминални афери. Засега се исклучува можноста од терористички акции.
|