06.04.2012, 17:29 „Хамлет машина“ и „Човек во ходникот“ на „Танц-фест“
„Танц-фест“ на новоотворената сцена „Зебра“ денеска и утре во 20 часот на љубителите на современиот танц ќе им понуди две претстави. Вечерва „Хамлет машина“ на ТКО театар од Келн, Германија, додека утре „Човек во ходникот“, копродукција помеѓу ТКО и Скопје танцов театар.
Танцовиот перформанс „Хамлет машина“, во режија на истакнатата кореографка Нада Кокотовиќ, е направен според познатото дело на Хајнер Милер. Три женски и три машки танчари илустрираат 29 асоцијативни слики преку експресионално танцување на материјалот на Милер. „Хамлет машина“ дискутира за улогата на интелектуалците во време на стагнација, кога надежта за општествен и социјален развој е загубена. Ова дело е поставено во шест различни соби преку проектор кој обезбедува амбиент за 29 слики... Српската режисерка Кокотовиќ, која работи во Германија, вели дека Милер за неа е најважниот драмски писател на 20 век што ја рефлектирал политичката ситуација со личното искуство, кој се борел против системот, против општеството. Инаку, Кокотовиќ работи со сопствен сценски јазик, со есенцијалните компоненти на танц, говор, песна, музика, дигитална медија и перформанси и визуелни уметности.
„Човек во ходникот“, според романот на Маргарет Дира, пак, е поделен на три дела, односно три ходници од кои два се во режија на Кокотовиќ, а еден на македонската кореографка Рисима Рисимкин. Како што велат и двете режисерки, оваа претстава тие ја гледаат од свој аспект. „Текстот на Дира мора да се говори на глас за да се разјаснат сите сегменти на приказната“, вели Кокотовиќ, додека Рисимкин истакнува дека поттикот за да го направи ова дело го нашла во кратките размисли на Дира низ кои таа гради еден свет во кој секогаш не е јасно што е стварност. (Т.И.) |