04.04.2012, 16:14 Вечерва голем Велигденски концерт
Голем Велигденски концерт во чест на празниците на Христовите страдања и Велигден ќе се одржи вечерва во Универзална сала во Скопје со почеток во 20 часот, во организација на свештениот Бигорски манастир и неговите пријатели.
„Целта на овој проект е да се доближи источноцрковното (византиско) пеење до пошироката јавност, притоа да се даде поголемо значење на настаните од Страсната седмица и богослужбите во православните храмови, а пред се' да се создаде вистинска атмосфера кај народот за достојна прослава на Христовото воскресение“, објаснуваат организаторите.
За првпат во историјата на македонската музика е направена оркестрација на древни источноправославни напеви од еминентниот композитор и професор Живоин Глишиќ, кој на ова дело работел повеќе од една година. Во изведбата на познатите композиции што се дел од богослужбените песнопенија на Страсната седмица, како и воскресниот тропар ќе учествуваат Македонска филхармонија, поп-пејачот Ламбе Алабаковски, монахињата Касијана и хорот при Македонската православна богословија.
Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посветува овој концерт на својата Мајка-црква - славната и најсвета Охридска архиепископија, честитајќи и' го нејзиниот 45-годишен јубилеј: нејзиното возобновување во лицето на МПЦ.
Влезниците за концертот се бесплатни и веќе се поделени, а ТВ-гледачите ќе имаат можност да го проследат преку директен пренос на првиот канал на МТВ. |