06.04.2012, 17:34 Велигденски концерт во топла атмосфера, но со многу дилеми
Концертот кој во организација на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ се одржа прексиноќа во Универзална сала, во чест на празниците на Христовите страдања и Велигден, помина во пријатна атмосфера и со многу публика. Македонската филхармонија, под диригентство на Борјан Цанев, заедно со хорот при Македонската православна богословија и солистите - поп-пејачот Ламбе Алабаковски и монахињата Касијана изведоа древни источноправославни напеви, за чија оркестрација беше задолжен композиторот Живоин Глишиќ.
Посветен и на јубилејот - 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија, овој концерт, на кој присуствуваа и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, голем број љубители на музиката, беше топло примен од пошироката јавност и поздравен со стоечки овации.
Иако за многумина беше чудно зошто поп-пејач се зафаќа за една поинаква проблематика, која, се разбира, бара и сосема различен пристап во пеењето од поп-музиката, сепак, Ламбе Алабаковски се претстави во солидна светлина и очигледен беше неговиот напор да навлезе во сржта на богослужбените песнопенија. Позитивен момент на концертот, покрај искрената изведба на хорот и на монахињата Касијана, беше фактот што публиката добро реагираше на пеењето блиско до македонската фолклорна традиција, односно беше добар чекор кон доближување на источноцрковното (византиско) пеење до пошироката јавност.
Но, концертот наметна и многу дилеми и прашања, особено кај стручната јавност, византолозите, музиколозите, околу начинот на кој треба да се третира византиското пеење кое исклучиво е вокална музика. Дали е потребна инструментална придружба и пејачи кои не го изучувале црковното пеење, дали воопшто се потребни авторски интервенции и ако тоа е, сепак, индивидуален пристап, дали тие се доближуваат до естетиката и карактерот на византиската музика, каква или колкава беше улогата на оркестарот на Македонската филхармонија, па и за тоа колку е релевантен хибридот меѓу концерт на уметничка и концерт на духовна музика итн. Како и да е, вистинскиот одговор на овие прашања, сепак, ќе го дадат експертите. (Т.И.) |