05.04.2012, 12:20 САД: Еврозоната има средства да се избори со кризата
Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер денеска го повтори ставот на администрацијата на претседателот Барак Обама дека еврозоната има доволно средства да ја реши должничката криза во рамките на монетарниот блок.
- Европските лидери одлучија дека се ќе направат што е во нивна моќ за да ја решат кризата и да останат заедно, тие тоа можат да го направат, сметам дека имаат средства и способност да го направат тоа, истакна Гајтнер.
Тој го пофали напредокот на 17 земји-членки на еврозоната во решавањето на финансиските проблеми на Грција, на Ирска и на Португалија, кои добија помош од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд.
Гајтнер предупреди дека и покрај договорот на еврозоната за зајакнување на нејзиниот финансиски заштитен ѕид и понатаму има предизвици.
- Пред нив е долг пат. Тоа ќе биде многу чувствителен и неизвесен процес, посебно тежок за еврозоната, посочи Гајтнер, додавајќи оти ќе биде тешко да се постигне економски раст со мерките за штедење.
|