04.04.2012, 15:24 Француски акедемик пронајден мртов во хотел во Њујорк
Телото на Ришар Декоен лежело голо, а собата била во неред
Њујорк - Ришар Декоен, директор на престижниот Институт за политички науки во Париз, беше пронајден мртов во хотелска соба во Њујорк.
Полицијата во Њујорк почнала истрага, бидејќи смета оти околностите околу неговата смрт се сомнителни.
Полициски извор соопшти дека телото на Декоен било откриено од човек од персоналот во вторникот попладне во хотелска соба на Менхетен. Телото на Декоен лежело голо, а собата била во неред, изјави заменик-комесарот Пол Браун.
Браун одби да претпоставува како настапила смртта, но рече дека истрагата не ја исклучува ниту една верзија, а исто дека е можно во одреден момент во собата на Декоен да имало и други луѓе.
Педесет и тригодишниот Декоен бил во Њујорк за конференцијата на Колумбискиот универзитет и дента имал средба со четворица свои колеги во салонот на хотелот „Микеланџело“ во центарот на Менхетен.
Бидејќи не се појавил на средбата, колегите помислиле дека заминал на конференцијата пред нив. Бидејќи и таму го немало тие го замолиле персоналот на хотелот да види што се случува со него, по што тој бил пронајден мртов во собата.
Декоен беше на чело на парискиот Институт за политички науки од 1996 година. Тој беше член и на Државниот совет на Франција - органот, кој ја консултира Владата по правни прашања.
|