04.04.2012, 12:42 Сарачини: Регионот е значаен трговски партнер на Македонија
Регионот е значаен трговски партнер на Република Македонија. Учеството на регионот во вкупната трговија на нашата земја со светот во 2011 година изнесува 17,7 отсто. Само со заедничка соработка ќе и се спротивставиме на економската криза во еврозоната, истакна министерот за економија на Република Македонија Ваљон Сарачини во своето обраќање на Првиот меѓународен бизнис форум во Приштина под името „Косово златна земја за инвестирање“.
Сарачини повика за инвестирање во Македонија и корисење на поволностите од ЦЕФТА Договорот, имајќи предвид дека инвестициите ќе го опфатат пазарот за потребите на 28 милиони жители.
- Интенцијата на македонската трговска политика, а верувам и на земјите од регионот, е да создаде хоризонтална рамка која треба да ги поврзе поволностите во бизнис климата, привлекување на инвестиции и зголемување на иновациите во знаењето. Ова ќе влијае на создавање на една нова структура на извозот и увозот, постојан економски раст и подобрување на животниот стандард, нагласи министерот Сарачини.
Тој додаде дека ќе се градат индустриски зелени зони, ќе се развиваат нови технолошко-индустриски развојни зони во Македонија, со цел да им се овозможи на инвеститорите поволно тло за инвестирање и поволна клима за бизнис ориентираност, вклучувајќи го и принципот на „joint venture“.
Министерот истакна дека Косово е значаен партнер во вкупната трговија на Македонија и го зазема осмото место, со вкупна трговска размена од 330 до 577 милиони долари секоја година.
Република Македонија со склучувањето на ЦЕФТА Договорот од 2007 година започна да применува бесцарински третман со БиХ, Црна Гора, Србија и Косово, а од ноември минатата година со Албанија и од јануари оваа година со Молдавија. Овој договор е солидна правна рамка за регулирање на трговските односи врз долгорочни и стабилни основи, за формирање на слободни трговски зони во индустрискиот и земјоделскиот сектор во интерес на бизнис заедницата.
Денешниот форум е поделен во две тематски целини. Првата има за цел да ги претстави инвестициските потенцијали на Косово, а втората да ја претстави важноста за успешно бизнис претставување на општините.
Освен министерот Сарачини, во македонската делегација се наоѓаат и претседателот на Северозападната комора на Македонија Мендерс Куќи и претседателот на Македонско-израелскиот бизнис клуб Дејан Дејанов.
На бизнис форумот учествуваат и косовската вицепремиерка и министер за трговија и индустрија Мимоза Кусари-Лила, министрите за надворешни работи, за финансии и за економски развој - Енвер Хоџај, Бедри Хамза и Бесим Беќај, албанскиот министер за економија Насип Начо, претставници на стопанските комори на Косово, Хрватска, Црна Гора, БиХ, и Израел како и градоначалници на поголемите градови од регионот.
- Реформите кои се веќе спроведени и кои ќе се спроведуваат во иднина го прават Косово одлично место за странски инвестиции. Косово е ориентирано кон долгорочни економски пракси и соработка. Ги укинавме административните проблеми за увоз и извоз, а работиме и на подобрување на инфраструктурата. Косовскиот пазар повеќе нема да биде сомнителен за клиентите, кои ќе бидат задоволни од квалитетот што им се нуди, изјави косовската вицепремиерка и министер за трговија и индустрија Мимоза Кусари-Лила.
На форумот беше претставена и Б2Б соработката во следните сектори: Информации и комуникации, Обновливи енергетски извори, Земјоделство и исхрана, Индустриска преработка, Градежни компании и Здравје и едукација.
|