02.04.2012, 17:33 И Унгарија со рефренот на Брисел
И шефот на дипломатијата на Унгарија, една од земјите што се посочуваат како подготвени да ја поддржат Македонија во Чикаго и да побараат да се отвори прашањето околу нашиот прием, вчера не остави простор дека ќе се случи такво нешто.
„Прашањето на проширув��њето на НАТО, односно на зачленувањето на Македонија не е на дневен ред на самитот. Придружувањето во НАТО зависи од постигнувањето едногласност. Ние не сакаме да се мешаме во решавањето на проблемот околу името. Очекувам и логично е двете страни наскоро да постигнат заедничко прифатливо решение“, изјави министерот Јанош Мартоњи на прес-конференција во Скопје.
Во интервју претходно, Мартоњи јасно се огради од можноста Унгарија да е таа која ќе направи пресврт во Чикаго, изјавувајќи дека „во случај прашањето за членство на Македонија во НАТО да биде ставено на агендата на самитот, Унгарија сигурно ќе даде поддршка“.
Сличен став тој изнесе и за преговорите со ЕУ, нагласувајќи дека унгарската влада е подготвена да даде поддршка во која било фаза од процесот, но дека и таму важи принципот на консензус. Сепак, според негова оцена, почнатиот дијалог на високо ниво, ако продолжи и ако дава резултати, значително ќе го скрати траењето на вистинските преговори со Унијата, кога ќе дојде до нив. Како поддршка на евроинтеграцијата на Македонија Матоњи ја најави спогодбата со нашата влада за обезбедување унгарска помош во приспособувањето на земјата кон шенгенската регулатива и во однос на контролата на границите.
Двајцата министри констатираа дека билатералните односи се развиваат во вистински правец за што потврда се и средбите на највисоко ниво во изминатиот период. (С.Ј.) |