04.04.2012, 15:30 Фени индустри на фајнл форот во Балканската лига
Со тројката на Лилов во последните секунди кавадарчани по втор пат го совладаа црногорски Морнар (83:82)
Бранителот на трофејот во Балканската лига, македонскиот шампион Фени индустри, по победата во трилерот во Бар против Морнар 83:82, обезбеди ново учество на фајнл-форот во ова натпреварување.
Ова беше втората победа за кавадарчани во четвртфиналната серија против Црногрците и наедно многу слична на првата на својот паркет, кога кошаркарите на Емил Рајковиќ се вратија од високата негатива, за победа во неизвесната завршница.
Сега во Бар на 25 секунди до крајот Морнар водеше со 80:77, но следуваше едно реализирано слободно фрлање од Фрај и офанзивен скок со погодок на Иван Лилов. Во следниот напад Лазар Радосавлјевиќ погоди две слободни фрлања за 82:80, а на шест секунди до крајот гостите го добија последниот напад. Иван Лилов погоди тројка за огромна радост на кавадарчани, кои имаат стоотстотен ефект кога станува збор за завршницата на ова натпреварување (четврти фајнл-фор во четири сезони).
Во победата над Морнар, Душан Кнежевиќ, беше статистички најдобар со 20 поени, седум скока и пет асистенции. Лилов постигна 21 кош (пет тројки од седум обиди), а меѓу подобрите беа и Џарид Фрај и Кирил Николовски.
Годинава завршниот турнир ќе се одигра во Изреал, а Фени И. во полуфиналето ќе се судри со Левски од Софија. Тој натпревар се игра на 21 април.
|