04.04.2012, 16:45 Либанец постигна 113 коша!
Подвигот е дело на Мохамед ал Акари во меч во либанското првенство
Историјата на кошарката памети неколку кошгетери. Меѓу нив се Вилт Чембрлен, стрелец на 100 поени во еден натпревар и Радивое Кораќ кој броеше до 99. Нивните потфати ги надмина анонимниот Мохамед ел Акари кој постигна 113 коша во меч во либанскиот шампионат.
Според официјалната статистика на Интернационалната кошаркарска асоцијација (ФИБА) по Втората светска војна има само неколку играчи кои успеале да ја минат „стотката“ во сениорски меч под нејзина капа. Членот на екипата на Мутахед уфрлил неверојатни 113 поени во триумфот над тимот на Беџех со 173:141 во дуел од завршниот турнир во шампионатот на Либан. Пред Втората светска војна Лу Салвадор со 116 поени ја предводел репрезентацијата на Филипини до победа над Кина во 1923 година на Игрите на Далечниот исток иако тогашната и сегашната кошарка не можат да се споредат по многу основи.
Ел Акари, кој го привлече вниманието врз себе, има 27 години. Игра на позицијата бек и во досегашниот дел од кариерата за клубот од Триполи со ништо не на��естувал на вакво кошгетерско издание. Во оваа сезона просечно бележел по 7,6 поени по натпревар, а настапил 23 пати. Сепак, против Беџах имаше вечер за паметење. Во 59 обиди за тројка бил прецизен 32 пати, за два поена погоди 8 пати од 10 обиди и само еден кош постигнал од линијата за слободни фрлања.
„Фала му на Бога за ваквата игра. Мислам дека ова е резултат на добар тренинг. Сакам да му се заблагодарам и на тренерот што ми дозволи да бидам толку долго на паркетот, но и на соиграчите кои ми помагаа“, изјави Мохамед ел Акари.
Неговиот тренер Ахмад Фадел се сложува дека со тренинг е постигнато такво остварување.
„Акари е феноменален шутер, но малку ценет. Многу вложува на тренинзите и за мене ова и не е изненадување“, рече Фадел.
Кога станува збор за клупските натпреварувања треба најпрво да се споменат великаните. Вилт Чембрлен својата 100 ја забележа во 1962 година во триумфот на Филаделфија над Њујорк, а Кораќ уфрли 99 поени против шведскиот првак Алвик во меч во Купот на шампиони во сезоната 1964/65. Меѓу бесмртните кошгетери се и Зденко Бабиќ кој за екипата на Задар во Купот Радивое Кораќ во 1985 година реализира 144 коша против кипарски АПОЕЛ, Дражен Петровиќ кој беше стрелец на 112 поена за Цибона против Олимпија во 1985 година. |