04.04.2012, 18:29 Враќање во реалноста - ребаланс по само три месеци
Дел од капиталните инвестиции ќе мора да настрадаат, нема да се чепкаат платите, пензиите, социјалните надоместоци и субвенциите
Нина Нинеска-Фиданоска
Владата, конечно, го призна она на што сите ја предупредуваа уште кога го креираше мегабуџетот за оваа година, тежок 2,75 милијарди евра, дека тој е нереален и дека многу бргу ќе биде потребна негова надолна корекција. По само три месеци од годинава, ребаланс на буџетот, односно намалување на приходите и на расходите ќе мора да има, а ќе биде готов за десетина дена. Министерот за финансии Зоран Ставрески вчера соопшти дека ќе има кастрење во државната каса и тоа за износ кој ќе се движи меѓу 114 милиони евра и 122 милиони. Ќе мора да настрадаат и дел од капиталните инвестиции, но нема да се чепкаат платите, пензиите, социјалните надоместоци и субвенциите. Не е предвидено ни намалување на бројот на вработените во администрацијата.
Прогнозата за економски раст за оваа година од 4,5 проценти, која многумина уште од поодамна ја оценија како фантастична, конечно ќе се намали, но засега не се соопштува колку ќе изнесува новата проекција. Одлуката за корекција на државната каса била донесена на завчерашната владина седница. Како причини првиот финансиер ги наведе кризата во еврозоната и неповолните временски услови, кои во првите три месеци од годинава веќе довеле до пад на приходите за девет проценти во однос на плановите.
Опозицијата експресно реагираше, коментирајќи дека дошол денот на вистината за Ставрески, кој ќе мора да прави ребаланс по само еден квартал. СДСМ ја праша Владата зошто досега се инаетела и не ја признавала реалноста, а не ги прифаќала ни нивните предупредувања дека буџетот е надуван и базиран на нереална стапка на економски раст.
Според Ставрески, Владата во наредните десет дена ќе направи ребаланс на буџетот, со кој ќе има намалување за пет отсто. Европската криза на крајот на 2011 и почетокот на 2012 година, како и временските услови во првите два месеца, влијаеле на намалување на економската активност на претпријатијата и потрошувачката на граѓаните. Првиот финансиер тврди дека целта на ребалансот е да се подобри ликвидноста на буџетот и да се задржат ниските даноци. „Со ребалансот ќе се сообрази она што е реализација во првите три месеци, со очекувања дека до крајот на годината ќе има стабилизирање на економската активност и буџетските приходи соодветно. Но, она што се случуваше првите месеци под влијание на европската криза, ќе се одрази врз вкупните буџетски приходи за цела година“, изјави Ставрески.
Она што според чуварот на државната каса е добра вест, е дека нема да има зголемување на даноците. „Зголемување на даноците применија 25 од 27 држави во ЕУ. Наместо да кратат на расходната страна, се одлучија да зголемуваат даноци за да ги намалат буџетските дефицити. Ставот на Владата е дека зголемување на даноците не е добра мерка ниту во добри економски времиња, а камоли во вакви, кога се' уште европската криза не е завршена. Тоа би значело зголемување на трошоците за стопанството и директен удар врз граѓаните“, истакна Ставрески.
Буџетскиот дефицит ќе остане ист, 2,5 проценти од БДП. Во моментов се правела анализа за тоа колку ќе изнесува ревидираната стапка на економски раст, а се очекува да биде завршена до крајот на следната недела.
„Сечење“ со ребалансот ќе има во сите сегменти, освен кај пензиите, платите, социјалните надомести и субвенциите за земјоделството. За капиталните инвестиции, ќе се кратело најмногу кај оние проекти што доцнат. „Ќе настојуваме што помалку да се наруши динамиката на реализацијата на капиталните проекти“, изјави Ставрески. Со буџетот тие беа планирани на значајна сума од 439 милиони евра, но веднаш се стави знак прашалник дали ќе се реализираат.
Средствата од дивидендата од „Телекомот“ биле планирани и ќе се користат за сите буџетски потреби.
Инаку, во првите три месеци вкупните буџетски приходи биле за девет проценти пониски од планираните, иако се повисоки за 1,2 отсто во однос на лани.
Опозицијата не чекаше за да критикува. Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ, потсети што тие зборувале уште пред 4 месеци.
„Владата на премиерот Груевски ни црташе бајка. Се фалеше дека во 2012 македонската економија ќе има значителен раст од 4,5 отсто и дека многу ќе растат капиталните инвестиции. Пред четири месеци СДСМ велеше дека растот ќе биде понизок од она што го предвидела Владата, дека буџетот е напумпан и дека треба да се сообрази со реалноста. Пред два месеца СДСМ бара итно да се направи ребаланс на буџетот, но Владата тоа го одби. Денес дојде денот на вистината. Се оствари сето она за што зборуваше СДСМ. Владата ќе ја намали проекцијата за економскиот раст, ќе го крати буџетот и ќе ги скрати капиталните инвестиции“, изјави Јовановски. Според него, инаетот во водењето на политиките не им носи корист ниту на граѓаните ниту на фирмите.
„Економската состојба во најголемиот број семејства и фирми е многу лоша. Затоа понудивме пакет од 27 економско-социјални мерки. Ајде да седнеме и да разговараме. Да видиме што може да се направи. Од тоа и граѓаните и фирмите во Македонија можат да имаат само корист“, повика потпретседателот на СДСМ. |