ЕУ близу договор за надзор на банките
Брисел - Министрите за финансии на Европската унија се близу до постигнување договор за формирање нови супернадзорни тела, кои би го регулирале банкарскиот пазар по завршувањето на економската криза, изјави вчера министерот за финансии на Шведска, Андерс Борг, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. Членките на ЕУ бараат формирање на три паневропски надзорни тела што би ја контролирале работата на банките, осигурителните компании и пазарите на акции, како и формирањето агенција со седиште во Франкфурт што би ја надгледувала појавата на поголеми системски ризици по економијата.
Министрите за финансии на 27-члената Унија се надеваат дека преговорите во Брисел со кои раководи Шведска, претседавач со ЕУ, ќе постигнат договор за тоа колкава надлежност ќе им дадат на новите служби, што беше и камен на сопнување меѓу членките. (МИА) |