Брисел бара од Грција итни мерки за намалување на дефицитот
Брисел изрази вознемиреност од високиот буџетски дефицит во Грција и побара од владата во Атина да преземе најстроги мерки за натамошно намалување на јавната потрошувачка. Според грчкиот весник „Катимерини“, министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната вчера се очекува да ја ратификуваат одлуката за ставање на Грција под надзор на Брисел.
Луксембуршкиот премиер и претседател на Советот на ЕУ за економски и финансиски прашања (ЕКОФИН), Жан-Клод Јункер, и еврокомесарот за економски прашања и буџет, Хоакин Алмунија, иако дадоа позитивни оценки за грчкиот Предлог-буџет за 2010 година, сепак, ја повикаа Грција да го забрза процесот за воведување мерки за намалување на буџетскиот дефицит.
Тие ги поздравија плановите на грчката влада за намалување на буџетскиот дефицит од сегашните 12,7 отсто од домашниот бруто-производ на 9,5 процент, нагласувајќи дека тоа претставува „прв чекор во вистинската насока“.
„Мала е веројатноста Грција да се соочи со банкрот и да побара кредит од Меѓународниот монетарен фонд, таквите тврдења се ’предлози‘ на меѓународниот печат“, изјави Јункер. Тој им порача на Грците да покажат трпение и елан, бидејќи ЕУ бара од Грција да спроведе драстични мерки.
Според Алмунија, спроведувањето на овие мерки во грчката економија ќе биде добро за самата Грција, но и за нормално функционирање на еврозоната. (МИА) |