Фирмите сакаат да знаат кој, кому и колку должи
Се' уште е неизвесна судбината на уште 10.000 фирми, кои имаат опомени од УЈП за неисплатени плати
Маја Томиќ
Прецизни показатели за тоа колкави се вкупните внатрешни долгови меѓу фирмите, како и нивните надворешни долгови што ги имаат кон институциите на државата, никогаш немало, а тие се неопходни во овој економски момент, сметаат од Сојузот на стопански комори, ССК. Овие долгувања треба да се издвојат едни од други, посебно да се дефинираат и да влезат во еден посебен систем за да можат натаму да се преземаат конкретни мерки за нивно санирање.
Ова, всушност, е заедничка иницијатива на трите стопански комори, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија и Комората на Западна Македонија, кои утре заедно со бизнисмените јавно ќе и' ја презентираат на јавноста.
Една од причините за оваа иницијатива, секако, е последниот удар што го почувствува бизнис-заедницата, со блокирањето на сметките од страна на Управата за јавни приходи на почетокот на ноември. Блокадите, всушност, покажаа дека стопанството чувствува се' уште последици од кризата, дека се бори да опстане и во голем дел нема услови да најде пари за плати и придонеси, а уште помалку за резерви или инвестиции, констатираат во ССК.
Покрај стопанствениците, и експертите и Синдикатот имаа реакции на затворањето на сметките, предупредувајќи ја Владата дека тоа ќе влијае лошо врз финансиската состојба на компаниите и ќе го доведе во колапс целото стопанство. Синдикатот очекува дека голем дел од компаниите набргу ќе решат да стават клуч и да ги отпуштат вработените.
На крајот на октомври УЈП блокира 5.684 фирми, поради неисплатени плати во периодот јануари - јули. Од нив, околу 2.000 се државни фирми, обелодени опозициската СДСМ или државата си должи и самата себеси. Долгот на фирмите поради неисплатени плати изнесуваше 11,6 милиони евра, а 4,1 милион евра беше долгот за неплатени придонеси.
Управата истовремено информира дека за август и за септември се испратени опомени за уште 9.396 фирми кои должат 835.120.185 денари 13,5 милиони евра.
Дали и овие фирми наскоро ќе ги снајде блокада? Од УЈП не сакаат да коментираат. Велат дека сега е рано да се обелоденува дали на 10.000 фирми набргу им следува блокада. Додаваат дека, од претходно блокираните 5.684 фирми со 15.972 вработени, до минатата недела долгот кон државата го исплатиле 1.462 работодавачи, односно на сметките на вработените се префрлени плати во вкупен износ од 39 милиони денари или 634 илјади евра и социјални придонеси од 19 милиони денари или 310.000 евра.
Од Сојузот на стопански комори велат дека е мала бројката од блокираните фирми кои успеале да си ги платат давачките кон државата, но и оттаму засега се без коментар, што ќе значи за бизнисот евентуалната блокада на сметки на уште 10.000 компании. Инаку, ССК минатиот месец повторно до Владата достави свои економски предлог- мерки за помош на фирмите, критикувајќи го потегот на Владата за блокирање на сметките. Досега Владата нема одговор на предлозите од Комората.
Останува дилемата, дали блокадата е спроведена за да се соберат поголеми приходи во државната каса, како што обвинија некои експерти и бизнисмени или, пак, тоа беше од чисто законски мотиви ? Министерот за финансии Зоран Ставрески и директорот на УЈП Горан Трајковски, по заедничката средба пред десетина дена изјавија дека собраните приходи во Управата во ноември биле поголеми од ланските, но негираа дека тоа е резултат на блокадите, односно на собраните пари од фирмите по блокадата. Ставрески ја пофали Управата дека постапила исправно и дека неплаќачите треба да се санкционираат. Од УЈП минатата недела реагираа дека блокадите не се со цел да се наполни буџетот, туку се услов за остварување на елементарните права на вработените. Додадоа дека неплатените директни буџетски средства од 1,5 милиони денари нема да ја подобрат сликата на стопанството, ниту да го наполнат буџетот. |