Има ли место за џамија во Атина
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Дали да се изгради џамија во Атина? Ако одговорот е да, дали една голема или поголем број помали џамии? И дали таа џамија покрај тоа што ќе ги задоволи, конечно, барањата на муслиманските верници во Атина ќе стави крај на инцидентите во импровизираните и илегални џамии во градот или ќе биде основа за нови проблеми од страна на радикалните здруженија во градот?
Овие дилеми се цел на расправа меѓу граѓаните и грчките политичари во последните денови. Кавгата на тема дали ќе има изградба на џамија во Атина, која е единствената европска престолнина без муслимански храм, ескалираше во Собранието во жестока дискусија меѓу грчкиот премиер Јоргос Папандреу и лидерот на ултрадесничарската партија ЛАОС, Јоргос Караџаферис.
Решеноста на Папандреу да се изгради џамија во Атина како начин да им се даде можност за слободно верско изразување на повеќе од половина милион муслимани во градот ги разгоре страстите на длабоко религиозните ЛАОС, кои постојано туркаат кон идејата за затворање на границите и намалување на бројот на доселеници, особено муслиманите.
„Нема причина за градење минариња. Забранети се во голем број држави во Европа преку референдум. И на крајот на краиштата, тој што доаѓа тука знае дека нема џамии. Ако не му се допаѓа, нека не доаѓа. Ако е толку религиозен нека се информира подобро и нека оди во држава каде што има џамии“, истакна Караџаферис во грчкото собрание, упатувајќи директно прашање до Папандреу зошто во период кога медиумите говорат за засилени закани од исламски групи, инсистира на изградба на џамија.
За грчкиот премиер, пак, срамота е зошто 25 години по ветувањето на Андреас Папандреу дека ќе биде изградена џамија во Атина, се' уште да нема соодветен простор за муслиманските верници. Грчкиот премиер, и покрај нападите од ЛАОС, останува на ставот дека се работи за човеково право и токму поради тоа и' е неопходно брзо да биде изградена џамија во главниот град на Грција.
„Срамота е бидејќи немањето простор за молитва доведува до тоа луѓето да се собираат во нелегален простор или, пак, да излегуваат на групна молитва во парковите, што може на некого да му изгледа како некаков протест, а впрочем молитвата е најнормална работа. Ова не се однесува само на мигрантите што доаѓаат во Грција, туку и на муслиманското малцинство од Тракија, бидејќи голем дел од тие жители сега се преселени и живеат и работат во Атина“, истакна Папандреу.
Несогласувањата околу изградба на џамија во Атина не доаѓаат само од страна на екстремните десничари каков што е Караџаферис, туку и од самите редови на ПАСОК. Оние што поддржуваат изградба на џамија се растргнати околу тоа дали треба да се изгради само една голема џамија или, пак, неколку помали. Како што пренесуваат некои од грчките медиуми, оние што поддржуваат изградба на повеќе мали џамии стравуваат дека само еден главен простор би можел да доведе до уште поголемо гетоизирање на муслиманите во Атина, што може да доведе до два несакани проблема. Загриженоста, од една страна, е дека една џамија им дава лесен пристап на радикалните групи во Грција, како што е нацистичката „Хриси Авги“, до сите муслимански верници, што би можело да доведе до зголемување на физичките напади и инциденти, како што досега беа подметнувањето пожар во еден од подрумите каде што верниците се собираат за молитва. Од друга страна, постои страв дека ако е само еден голем храм, тогаш е можно да дојде до креирање група муслимански екстремисти и фанатици кои би можело да имаат влијание на мирните верници.
Граѓаните, како и за многу теми, поделени со мислењата и за ова прашање. Во традиционално православната Грција, изградбата на џамија за многумина е шок ако земете предвид дека народот е религиозен, прекрстувањето при поминување покрај црква е најнормална работа, на имендените и прославата на светците се придава поголемо значење отколку на родендените, а солунскиот митрополит има удел во речиси секоја политичка и општествена одлука во северна Грција.
„Покрај муслиманите-мигранти, ако ги погледнете луѓето кои со години, децении живеат во населбите кои сега се населени само со доселени��и, ќе видите зачуденост. Тротоарите се исполнети со групи муслимани. И не се само они националисти и вжештени глави што живеат тука, туку и луѓе кои со децении гледаат како се менува нивниот град, нивното маало без некаков план“, се забележува во еден текст на „Елефтеротипија“.
„Вжештени глави“, како што споменуваат, има и премногу. „Ќе никне една, потоа ќе никнат уште еден куп други џамии и што ќе се случи потоа, за пет години во Атина нема да има ниту еден Грк. Нашите деца си одат, доаѓаат луѓе отсекаде, си бараат некои права без да ја почитуваат државата во која се наоѓаат. Зошто да ни градат џамии? Гледате како ги чуваат жените, целосно покриени? Како е можно да се случува ова во Атина? Утре, задутре, кога ќе почнат да создаваат проблеми и насилство, ќе се чудиме што ни се случило“, изнервирано коментира еден таксист на глетката на две жени кои се целосно покриени со наметка и никаб.
За разлика од него, некои од помладите атињани имаат сосема поинаков став. „Да изградат џамија, зошто да не? Да си имаат луѓето свој простор за молитва. За разлика од паранојата што ја шират дека се дојдени тука и работат во терористички гнезда, голем дел од муслиманите во Атина живеат мирен живот, имаат семејства. Дошле за подобар живот, ако им било в ред во земјата од која потекнуваат, сигурно немало да го поминат цел тој пат да стигнат до Грција. Немам ништо против нив, ниту против кој било мигрант.
Смешен ми е цел тој став дека Грк можеш само да се родиш, а не да станеш иако живееш тука со години. Единствено со кое мора да се согласам е дека навистина има премногу, премногу мигранти во Атина, едноставно не не' собира веќе сите во градот и сметам дека треба да има посилна контрола на границите“, вели 33-годишниот Атанасиос. Неговото мислење го делат голем број млади, кои велат дека имањето верски објект може само да помогне за елиминирање на незадоволството и фрустрациите на муслиманските верници. |