Мислења
За патриотизмот се работи
Лазар Еленовски
Државнички став и чувство во Македонија, за жал, не постои. Го урнаа, никој друг, туку токму нашите патриоти
Секогаш кога ќе помислам за патриотизмот, а тоа е често, бидејќи кај нас многу се употребува, првата асоцијација ми е човек-војник, кој се бори за слобода. Freedom fighter. Има ли поголем доказ за љубовта кон својата татковина од тоа дека сте подготвени и животот да го дадете! Тука нема простор за лага, манипулација, лицемерие.
Го гледав пред некој ден американскиот серијал „Пацифик“, од времето на Втората светска војна. Многу импресивен филм. Ме потсети на кажувањата на моите двајца дедовци што се бореле тогаш, пред 70 години, за она најважното, најосновното за човекот - слободата. Се бореле храбро. За слободата биле подготвени и животот да го дадат. Тоа беше генерацијата која за прв пат во историјата со крв ја избори македонската државност и признавање. Без разлика што беше дел од поголемата југословенска социјалистичка федерација, признанието беше факт и се потврдуваше во наредните 45 години, кога Македонија, македонскиот народ и сите заедници ги поставуваа вредносните и институционалните темели на тоа што значи држава.
Од 1991 година Македонија го живее својот самостоен пат како држава. Со промената на системот, запловивме во новата ера на демократија, интеграција и глобализација да ја градиме новата држава. Во тие 20 години самостојност во Македонија се изнедрија два типа патриоти - едните ексклузивни, а вторите државотворци. Едните и другите поттикнати од големата љубов кон татковината ги градеа сите вредности, политики, процеси за државата и затоа денешниот резултат на државата е единствено нивен заеднички резултат и на никој друг. Тие, ексклузивните патриоти и државотворците, се единствено заслужни за се' во Македонија.
Како големи патриоти, тие најпрво ефикасно го уништија основниот извор на развој - македонската економија. Не остана ниту еден од големите социјалистички извозни гиганти, што не е случај во една Словенија, Хрватска, па и Србија. Со криминалната приватизација создадоа олигархија со која го урнаа пазарниот систем, кој и онака беше во пелени, монополизирајќи ги и блокирајќи ги сите развојни економски процеси во државата само за нивните лукративни цели. На тој начин ја создадоа астрономската стапка на невработеност од 35 отсто, која и денес е највисока во Европа. И додека во Источна Европа, по новиот европски колосек, како во брз воз влегуваа десетиците милијарди долари, во балканската оаза на мирот (големата компаративна предност која буквално ја прокоцкавме) се водеше повеќегодишната дебата за тоа дали треба да има прво приватизација или денационализација, што беше еден од владејачките симптоми како странските директни инвестиции треба да бидат блокирани. „Ауди“ е само еден еклатантен пример за тоа. Како почнаа едните, така доследно и принципиелно продолжија другите патриоти. Си создадоа своја олигархија, продолжија со партизацијата на економијата и со притисок врз секој економски субјект.
Потоа на ред на патриотите дојде демократијата. По првичниот плуралистички и демократски израз, со заоѓањето на пазарниот систем зајде и демократијата која се претвори во монополистички црно-бел свет на двата типа патриоти. Наместо визија за развој на државата, простор за нови идеи, проекти, градење вредности и стандарди кои се основа на демократијата, со олигархиската партиско-финансиска-медиумска моќ воведоа шпански серијал меѓу нив кој изобилува со неинвентивност, нетрпеливост, поделба, примитивизам. И кој денес е официјална парадигма на државата во сите пори во општеството, без разлика колку е срамна. Поради таа нивна љубов кон татковината денес Македонија не живее во духот на европската демократија туку во фингирана демократија од племенско-партиски вид.
И така доследно и храбро продолжија во секоја област. Во дваесетгодишниот независен пат на Македонија не постои сфера која патриотите од двете страни не ја урнаа. Без разлика дали станува збор за здравство, образование, социјална политика, наука, спорт. Вистинските патриоти од почетокот на текс��от кои денес за Македонија го ризикуваа животот во Ирак и Авганистан овие самонаречените ги избркаа на улица. Да им прават друштво на преку третина население во државата кое не може да се прехрани додека тие продолжуваат да им кажуваат колку ги сакаат нив заедно со државата. Исто така, во европската држава Македонија и тоа во 21 век, токму поради љубовта на патриотите, половина население живее без некој или сите основни услови за живот - пат, струја, вода, канализација. И око не им трепнува веќе 20 години, напротив го крчмат буџетот како што им се сака.
Внатрешниот резултат се пресликува и надвор. Прво десет години им требаше да сфатат и идеолошки прифатат дека интеграцијата во Европа, НАТО и светот е добра работа за Македонија. Вторите десет години иако го сфатија тоа, не го прифаќаат, бидејќи едноставно многу полесно ќе си ја тераат водата на своја воденица кога Македонија е надвор отколку кога би била внатре во интеграциите. Таму има ред и поредок, нешто што на нашите патриоти не им одговара. Тоа не можат да го кажат, но наместо тоа произведоа страв кој доволно ефикасно ќе го држи народот изманипулиран долу, а нив на тронот горе. Имаше најразлични епизоди во минатото за последната да биде - „за идентитетот и јазикот“. Срамна теза која во суштина го деградира и девалвира самото тоа што го бранат - идентитетот (но за тоа во друга прилика).
И така нашите патриоти во целиот овој период, речиси без исклучок, ги жртвуваа државните интереси за своите лични и партиски. Се покажа дека не се подготвени ни 1 отсто од својата поддршка да дадат за татковината, не дај боже животот, како што биле премни моите дедовци. Пред 5-6 години во разговор со еден поранешен амбасадор на Словенија во НАТО го спомнавме нивниот амбасадор во Скопје. Беше очигледно дека не припаѓаат на иста политичка страна и дека имале несогласувања, но неговата последна реченица што ме трогна беше „... но, сепак, тој е добар амбасадор и човек. Тој посветено работи за Словенија.“
Таков државнички став и чувство во Македонија, за жал, не постои. Го урнаа, никој друг, туку токму нашите патриоти. Во Македонија се работи, не за државата туку за партијата или уште повеќе - за Никола или Бранко. И токму тоа е причината зошто денес разликата меѓу двете држави е - како меѓу Зајчев Рид и Триглав.
(Авторот е претседател на Социјалдемократска унија) |