Мислења
Владата призна погрешна буџетска политика
Слободан Најдовски
Владата, иако не вербално, практично, призна дека во минатите четири години водела погрешна буџетска политика
Во македонското Собрание во саботата беше донесен буџетот за 2011 година. Во секоја нормална држава тоа предизвикува посебно внимание, бидејќи тој го одредува квалитетот на живеење на граѓаните за следната година. Но, кај нас ништо ново. Како и што се предвидуваше, расправата за буџетот помина со опозициското тврдење дека „лоша ни е денешната состојба“, на што парламентарното мнозинство контрира „но порано беше полошо“. Сепак, позитивен резултат од расправата е што Владата, иако не вербално, практично, призна дека во изминатите четири години водела погрешна буџетска политика и прави обид да ја исправи грешката, но со одложен старт. Тоа може да се види од аргументите со кои се оправдува задолжувањето за четиристотини и осумдесет милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд и од двата документи кои го пратат донесувањето на буџетот, односно фискалната стратегија за 2011-2013 и макроекономската политика за 2011 година.
Во изминатите четири години забелешките на експертската јавност, на стопанствениците на политичарите од опозицијата, кога е во прашање фискалната политика, најкратко дефинирана се сведуваа на следното: експанзивна буџетска политика на расходната страна, која не одговара на состојбите во реалната економија, во која главна карактеристика е буџетски дефицит за нерационални и непродуктивни трошења на државата. Таквата политика доведе до постојани владини задолжувања од домашни извори, т.е. преку државни записи, испумпување на финансиските средства од комерцијалните банки, што предизвика недостаток или скапи кредити за стопанството и го доведе во прашање полнењето на буџетот од редовните извори. Иако Владата долго се противеше тоа да го признае, деновиве тоа се препозна низ нејзините конкретни чекори и документи.
Прво, од тоа што може да се прочита, малку се разјасни состојбата околу најавуваниот кредит од Меѓународниот монетарен фонд. Наспроти тврдењата на Владата дека задолжувањето било како поддршка на здравата економска политика, од дипломатскиот речник, кој при објаснувањето го користеа претставниците на ММФ, произлегува дека кредитот е превенција, преведено на наше - постоење страв од ризиците со кои може да се соочиме во следната година или две. Тоа значи дека кредитот е во функција да ги пресретне и намали негативните последици и опасности од погрешната буџетска политика и настојување на ММФ да помогне во подобрување на амбиентот за кредитирање на стопанството од домашните банки преку исклучување на владиното домашно задолжување. Тоа само го потврдува мислењето дека Владата станува главен кочничар на македонското стопанство заради домашното задолжување и ненавременото плаќање на долговите кон фирмите. Кредитната линија е во поддршка на макроекономската стабилност која и во изминатите десетина години не претставувала проблем и треба да не' загрижува доколку владината политика ја доведе во опасност од нарушување. На крајот ќе испадне да бидеме среќни ако, не дај боже, имаме потреба од повлекување на средствата од ММФ.
Второ, со предвидувањата за макроекономските движења за следната година, како и за 2012 и 2013, јасно е дека закрепн��вањето на македонската економија ќе оди многу тешко. Но, позитивно е тоа што уште во еден сопствен документ Владата призна дека една од поголемите кочници за напредок е домашното владино задолжување. Тоа може да се види од нивното признавање дека ќе се ориентираат на задолжување во странство со цел да им овоз��ожат на комерцијалните банки да ја финансираат домашната заспана економија. Значи, во целата несреќа со планираите нови нефункционални задолжувања на државата од странски извори, може да се очекува една позитвност, односно ослободување на банкарски средства за стопанството. Тоа не значи дека стопанството ќе тргне и да очекуваме економски прогрес, бидејќи треба да се исполнат и многу други услови. Сепак, тоа е позитивен сигнал.
Третиот документ кој го потврдува признанието на Владата на погрешната економска политика - е фискалната среднорочна стратегија за периодот 2011-2013 година. Таа ја дефинира фискалната политика во функција на остварување на приоритетните стратегиски цели. Токму од неа може да се види дека Владата станува свесна дека е неодржлива досегашната политика на несразмерна големина на буџетот со високи зафаќања од стопанството и висок буџетски дефицит финансиран од домашни извори. Затоа предвидува постепено намалување на големината на буџетот во однос на БДП. Така од сегашните 34,5 отсто предвидува во 2013 година тоа да се сведе на 32,5 отсто. Свесни за високиот буџетски дефицит, во фискалната стратегија предвидуваат тенденција на негово намалување од сегашните 2,5 отсто во однос на БДП на 1,9 отсто во 2013 год година. Само неколку месеци од доаѓањето на власт им требаа да го зголемат буџетскиот дефицит од помалку од 1 отсто на 2,5 отсто, а сега тешко им оди со намалувањето.
Но, и покрај признавањето на грешките, Владата продолжува во свој стил на неодговорен однос кон своите граѓани. Свесна е за последиците од својата политика и' ги предвидува негативните тенденци. На владините претставници им е јасно и за политички непопуларните чекори кои ќе треба да се преземат по две-три години, кога ќе доспат за враќање големите долгови. Свесни се дека тогаш ќе следи период на стегање на каишот, ќе се изострат проблемите со дефицитот на вонбуџетските фондови и ќе бидат неопходни реформи во поглед на решавање на проблемот на обемната администрација. Цената на сегашната владина раскалашеност ќе мора да се плати. Но, тоа го оставаат за некој друг, кој треба да го носи епитетот на штедач и скржав во однос на својот народ. Признанието на Владата дека водела погрешна буџетска политика е само првиот чекор, но треба да следат следни чекори кои ќе бидат во правец на консолидација на буџетската политика. Затоа, не треба да се чека резултатот од следните избори туку уште од сега е потребно елиминирање на факторите што ќе не' доведат во незавидна економска состојба по две-три години. Но, очигледно дека кај оваа Влада таква подготвеност не постои.
(Авторот е поранешен пратеник) |