Број 3456  вторник, 14 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter

Мајкл Џексон

Може ли Џеко да почива во мир?


Постхумниот албум со „нови“ песни денеска пристигна во музичките продавници. Семејството на Мајкл Џексон се бори за неговите милиони

Колку иронично. Во „Breaking News“, една од песните на постхумниот албум на Мајкл Џексон, тој пее дека „секој сака дел од Мајкл Џексон“.

Осумнаесет месеци по неговата смрт, борбата за Џексон и неговото наследство продолжува.

Денеска излегува „Мајкл“, албумот со „нов“ материјал од пејачот. Албумот, составен од само неколку од стотиците песни што ги сними Мајкл и ги остави настрана пред својата смрт - предизвикана од кобна комбинација на лекови, е прво издавање од договорот за 10 албуми, во вредност од 125 милиони фунти, што наследниот фонд на Мајкл го постигна со „Сони рекордс“ во март годинава.

Но, борбата веќе започна, а неговото семејство и пријателите истакнуваат дека пејачот перфекционист никогаш не би сакал песните да бидат објавени, бидејќи тие не се со доволно висок стандард. „Како недовршен производ, Мајкл Џексон не сакаше да ги објави“, вели Брајан Оксман, адвокат на семејството Џексон. „’Сони’ постојано бараа да ги објави тие незавршени песни, а тој секогаш велеше дека не сака да ги издава. Тоа беше огромно јаболко на раздорот, но тие го вознемируваа“.

Фронтменот на „Блек ајед пеас“, Вил Ај Ем, кој соработуваше со пејачот пред неколку години, додава: „Кој и да го објави овој албум и профитира од него, сакам да видам колку се студени. Песните на Мајкл Џексон се завршени тогаш кога Мајкл вели дека се завршени. Тој беше многу детален“. Поранешниот продуцент на пејачот, Квинси Џонс вели во врска со албумот: „Тој не ќе сакаше да излезе на овој начин“.

Уште поконтроверзно, семејството на пејачот тврди дека на некои од песните на албумот дури го нема гласот на Мајкл. Тие велат дека пет снимки, донирани од продуцентот Еди Каскио, кој работеше четири месеци во студио со Мајкл во 2007 година, дури не звучат како што звучеше пејачот. Каскио призна дека некои од придружните вокали се од студискиот пејач Џејмс Порт за да се зајакнат снимките.

„На некои од песните е тој, а на некои не е“, пишува братот на Мајкл, Ренди, на „Твитер“. „Би се обложил со животот“. „Сите тие луѓе повеќе се заинтересирани за заработка од неговата смрт. ’Сони’ правеше договори со наследниот фонд уште пред да го погребам брат ми“.

„Сони“ и луѓето што стојат зад наследниот фонд на Мајкл велат дека одржале „забава за слушање“ на снимките со неколку продуценти кои соработувале со Мајкл, како и двајца музиколози, и дека сите потврдиле оти гласот е негов. „Сони“ инсистира дека има „целосна доверба“ дека водечките вокали се на Мајкл, но вознемиреноста веќе доведе до закани од некои обожаватели дека ќе го бојкотираат албумот. Сепак, се очекува да биде хит број 1 во целиот свет. Иако пејачот можеби го заврши животот со долг од неколку стотици милиони фунти, посмртно тој стана најголем поп-заработувач. Се верува дека неговиот наследен фонд заработи повеќе од 500 милиони фунти само во последните 18 месеци, вклучувајќи го договорот со „Сони“ (најголем музички договор во поп-историјата), бранот носталгија по Џексон доведе до продажба од 150 милиони фунти, а снимките од пробите на Мајкл за неговите концерти во Лондон, кои се претворија во филм „This Is It“, остварија продажба од 150 милиони фунти. Во меѓувреме, се појави и видеоигра (Мајкл Џексон: Доживување) плус договор со „Цирк ду солеил“ неговата музика да се претвори во Лас Вегас шоу.

Но, семејството на Мајкл едвај виде нешто од тоа. Тој им остави речиси се' на неговите три деца - Парис (12), Принц Мајкл Први (13) и Бленкет (8) - и се потруди да се формира наследен фонд за да биде сигурен дека парите ќе им бидат на располагање кога ќе наполнат 18 години. Но, освен со неговата мајка Кетрин, Мајкл не зборуваше со поголем дел од неговото семејство со години, убеден дека тие се заинтересираи само за неговите пари. Наследниот фонд го води адвокатот Џон Бранка и извршниот директор за плочи Џон Меклејн, и двајцата ангажирани и отпуштани од Мајкл по неколку пати низ годините. И двајцата тврдат дека можеби ќе бидат потребни неколку години да се среди лавиринтот од неговите финансии пред да се пуштат парите за децата и за мајката на Мајкл.

За Мајкл се зборуваше дека кога починал имал долг од најмалку 200 милиони фунти, иако неговото богатство - неговиот сопствен каталог со копии и музички издавачки каталог со многу хитови на „Битлси“ - вреди многу повеќе од тоа. Сепак, има неколку стотици кредитори што бараат пари. Познато е дека и двајцата заработуваат 10 отсто од приходите од наследниот фонд за нивната напорна работа, па се наметнува прашањето за нивните мотиви да се склучуваат договори во име на Мајкл.

Во меѓувреме, неговата мајка, во име на децата на Мајкл, беше принудена да бара пари од наследниот фонд. Кетрин, на која првично и' беа доделени 30.000 фунти месечно (што не е многу кога ќе се имаат во предвид шесте телохранители и две дадилки) неодамна мораше да оди на суд за да бара повеќе средства. „Тие се однесуваа подредено кон наследниот фонд“, вели пријател на семејството. „Мајкл сакаше неговите деца и мајката да ги контролираат неговите пари. Целата работа е скандал“.

Иако не е наведено во тестаментот на Мајкл, останатиот дел од семејството веќе се бори за готовина, вели Дајан Дајмонд, која напиша биографија за него. „Во моментот кога почина Мајкл Џексон, браќата и' шепотеа на Кетрин: Мора да влезеш таму за наследниот фонд. Сите браќа се појавија во куќата на мама по чекови, и таа им ги даваше“, вели таа. Таткото на Џексонови, Џозеф, кого Мајкл го мразеше бидејќи редовно го тепаше, се обиде да добие пари од тестаментот, но неколку пати беше одбиен од судот. Сега Џозеф се обидува да го тужи лекарот на својот син, Конрад Мареј, за „незаконската смрт“ и штета од 250 милиони фунти.

Кетрин е стожерот што го држи семејството заедно, и ги потсетува дека наследниот фонд заработува повеќе пари отколку кој било од нив некогаш можел да сонува за децата. Но, таа има 80 години и слабо здравје.

„Кога ќе почине Кетрин Џексон, ќе настане борба за децата како што нико��аш не сте виделе во животот“, вели Дајан. „Каде што одат децата, таму одат и парите. Браќата и сестрите на Мајкл - Џермеин, Марлон и Ренди најмногу ќе се борат за старателство“.

Издавањето на песните што ги остави настрана, прикажувањето на интимни снимки од неговите проби за концерт, парадирањето на неговите деца на телевизија - не можете да не помислите дека Мајкл нема да се превртува во гробот поради начинот на кој реагираат пријателите и семејството по неговата смрт.


#
Статијата е прочитана 1036 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Kолку УДБ-а беше нашата судба (4)
Има ли место за џамија во Атина
Најбитно е да имате свои луѓе
Патриотска метла со куса рачка
Лош финиш на досието на Груевски
Охрид чека гости, ама не ги кани
Навивачите на Динамо го запалија автобусот на ПАОК
Пара(лелен) попис?!
Не' очекува студена недела
Сите во лов на необоени гласачи
Почина американскиот дипломат Ричард Холбрук
Владата призна погрешна буџетска политика
„Шишеџам“ пишман за пишманењето
Пожар ја запали дилемата за сопственоста на теќето
Црна Гора добива статус на кандидат за ЕУ
За патриотизмот се работи
Стил
Манчестер Јунајтед го среди безопасниот Арсенал
Бомба го откажа летот од Софија за Атина
 

Romanian opposition has a 'clinical obsession' with ousting president Basescu
Montenegro is officially awarded EU candidate status
Paris Agreement is contested on fifteenth anniversary