Охрид чека гости, ама не ги кани
Хотелиерите се' уште немаат претстава дали ќе ги пополнат капацитетите за Нова година
Горан Момироски
ОХРИД - На околу две и пол недели до Нова година хотелиерите од охридско-струшката ривиера се' уште немаат претстава за пополнувањето на своите капацитети. Освен хотелот „Дрим“, кој е продаден до последно легло, ниту еден друг поголем објект на крајбрежјето нема склучено целосен аранжман за претстојните празници. Цената за тридневните аранжмани по лице, во кои се вклучени две ноќевања и прославата на новогодишната вечер, се движат од 90 евра во хотел „Десарет“ до 199 евра во хотел „Милениум“.
Од Хотелската асоцијација велат дека поради економската криза годинава помал број домашни туристи ќе ги минат новогодишните празници во Охрид, а од странските најмногу надеж се полага во гостите од соседството.
„Се надеваме дека до 28 декември ќе има барања за потврдување на резервации, бидејќи имаме балкански менталитет и одлучуваме во последен момент. Но, нема многу простор за маневар, затоа што и гостите од соседството почнаа да не' избегнуваат поради лошата инфраструктура. Сепак, надежта последна умира“, вели Дончо Танески од ХОТАМ.
Во прилог на туризмот не одат ниту најавите на локалната самоуправа, која годинава планира скромен дочек на Нова година на градскиот плоштад. Градоначалникот Александар Петрески изјави дека Општината нема да троши како други градови за дочек, а средствата од буџетот предвидени за таа намена ќе бидат пренасочени за помош на сиромашните граѓани.
„Централна прослава ќе има, но не како во други градови. Во време на сиромаштија не е добро да трошиме огромни средства на некој што ќе пее еден час на плоштадот. Подобро е тие пари да им ги дадеме на нашите економски најзагрозени сограѓани, со што ќе им помогнеме барем за извесно време“, рече Петрески. Тој најави дека нема да изостане новогодишниот амбиент во Охрид. Украсувањето на градот со светилки треба да заврши до Свети Никола.
На охридскиот туризам му недостасува анимација, нагласуваат експертите. Во спротивно, понудата е сувопарна и неинтересна за туристите. Тие укажуваат дека Охрид мора да го промени начинот на туристичка презентација, со однапред подготвени аранжмани, како што се практикува во светот.
„Програмските содржини треба да се носат една година порано. Во туризмот, резервациите и другите неопходни активности мора да бидат програмирани“, изјави проф. д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Охрид е еден од ретките туристички центри на Балканот што годинава не истакнаа привлечна понуда за дочек на Нова година. Притоа е неизвесно дали и какви организирани програмски содржини ќе има на 31 декември. Колку за споредба, во најпознатиот црногорски туристички центар, Будва, годинава ќе настапат балканските ѕвезди Џибони и Бојан Маровиќ. Комплетната програма на плоштадот во Будва е бесплатна. |