Поглед
Пара(лелен) попис?!
Светлана Унковска
Имер Селмани не им верува на институциите дека ќе го спроведат пописот како што треба, па реши сам да ја реализира сложената статистичка операција. Од 1 април, кога Заводот за статистика со сета структура ќе тргне да ги попишува граѓаните, ќе почне и крстосувањето на Нова демократија. Кога попишувачите на Селмани ќе им тропнат на врата на граѓаните, по првото „добар ден“, можеби ќе следува „ние сме од Заводот за статистика на НД и дојдовме да го спроведеме паралелниот попис“. На крајот, се очекува Селмани, како „прв новодемократски статистичар“, да ги објави и резултатите од парапописот. Исто како и Благица Новковска од Државниот завод за статистика.
Сепак, нацијата засега се' уште не е информирана како Селмани и неговите сопартијци ќе го спроведат попишувањето. Дали низ куќите и становите ќе шета целото партиско членство, сосе пратениците? Дали секој ќе си има своја пописна единица? Селмани ќе го попише Сарај, Абедин Зумбери ќе биде задолжен за Куманово, Сулејман Рушити со тефтерите ќе го крстосува Гостиварско, Флора Кадриу во Скопје ќе има најмногу работа, а и партискиот портпарол Аријанит Хоџа ќе ги пребројува сограѓаните во Ресен. .. Потоа заедно низ светот ќе ги бројат и албанските иселеници. Но, дали во нивната пописна администрација ќе бидат вклучени и Македонци? И тоа не се знае. Само се знае дека и овој попис ќе биде во април, така што Селмани би можел да си протестира и сам против себе.
Следен предизвик за партијата на Селмани ќе бидат парламентарните избори. Можеби и овој пат НД ќе бара задолжително да се гласа во јули, а во текот на кампањата би можеле да кажат дека не и' веруваат на ДИК и дека сами ќе си прават избори.
|