Почина американскиот дипломат Ричард Холбрук
(14.12.2010г.-10:07ч.) Ветеранот на американската дипломатија Ричард Холбрук, почина синоќа на 69-годишна возраст во болница во Вашингтон, откако неговата здравствена состојба се влоши по операцијата на пукнатата аорта, изјави американскиот државен секретар Хилари Клинтон. „Тој даде 50 години од својот живот во служба на САД“, истакна Клинтон. „Холбрук е еден од гигантите на американската надворешна политика“, додаде американскиот претседател Барак Обама. Холбрук, кому во петокот му се слоши во Стејт департментот, не издржа по неколку извршени операции во Универзитетската болница „Џорџ Вашингтон“, од кои едната траела 21 час. До моментот на смртта тој ја извршуваше функцијата специјален пратеник на САД за Авганистан и Пакистан. Остана запаметен како „архитект“ на Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина. Овој дипломатски ангажман претставува врв на неговата кариера. Холбрук работеше во сите администрации на демократите од крајот на 1960 година. (МИА)
|