Не' очекува студена недела
Од УХМР најавуваат ниски ноќни и дневни температури
Снежана Калабакова
Снегот што паѓаше вчера низ цела Македонија се задржа само на повисоките места, а на пониските брзо се топеше. Во Скопје немаше доволно за правење Снешко, но имаше толку колку да бидат ангажирани зимските служби. За секој случај, комуналците фрлија 130 тони сол на градските улици. Метеоролозите најавуваат нови врнежи од снег во средината на неделава. Наредните денови ќе бидат прилично студени, а температурите ќе бидат ниски и во текот на ноќта и во текот на денот. Студот малку ќе попушти дури за викендот.
Поради обилните врнежи, вчера на патниот правец Маврово - Дебар имаше забрана за сообраќај на тешки товарни возила. На другите делници немаше проблеми. Меѓуградските автобуси и возовите возеа нормално, а без поголеми задоцнувања се одвиваше и авиосообраќајот. Немаше застои ниту во движењето на возилата кон граничните премини Блато, Ќафасан, Стење и Свети Наум.
Во текот на вчерашниот ден највисока беше покривката во Маврово каде што беа измерени 32 сантиметра, во Лазарополе имаше 26, а еденј сантиметар помалку на Попова Шапка. Во Битола наврнаа 18 сантиметри, а во Крушево 14. Само со по еден сантиметар снег осамнаа Крива Паланка, Виница и Дојран. Метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека до сабота ќе се задржи променливо, облачно и студено време со повремени врнежи од снег. Повеќе снег ќе паѓа во средината на неделава, а поради ниските температури на места ќе има и голомразица.
Од „Македонија пат“ велат дека имаат доволно екипи, возила и абразивни материјали за опесочување и посолување на коловозите. До сите учесници во сообраќајот упатуваат предупредување за крајно внимателно управување со моторните возила, држење на растојание, а особено низ клисурите и планинските превои каде што е почеста појавата на поситни одрони.
„Во текот на утрешниот ден снежните врнежи ќе продолжат. И ноќните и дневните температури ќе бидат негативни. Минималните меѓу минус 13 и минус 5 степени, а максималните од минус 9 до минус 2. Во утринските часови в четврток живата ќе движи меѓу минус 10 и минус 3, а во текот на денот меѓу минус 8 и минус 1. И в петок и в сабота утринските ќе бидат негативни, а максималната в петок ќе биде околу нулата. Позитивни дневни температури очекуваме в сабота и в недела, и тоа од 3 и 6 степени“, вели Веселин Стојановски, дежурен синоптичар од УХМР.
Снежните врнежи во населбите со над 900 метри надморска височина во Тетовско формираа снежна покривка од триесетина сантиметри. Мештаните се пожалија дека не биле испратени булдожери за да ги расчистат патиштата, па сообраќајот во петнаесетина села се одвивал во отежнати услови. |